На годишно ниво во светот се губи загрижувачки огромна количина дрвја, доволно да пополни шума со големина на Британските острови.

Ова стои во последниот извештај на Светскиот Институт за Ресурси. Стапката на уништување на шумите, преку сечење или пожари, достигнала 26 милиони хектари годишно, површина речиси колку цела Велика Британија, објави Гардијан.
Иако во 2014 година Обединетите Нации ја потпишаа декларацијата за зачувување на шумите, со која сите држави беа задолжени да ја преполоват сечата на шуми до 2020 година, ова во многу земји не стана реалност.
Особено загрижувачки е фактот што најважните и незаменливи тропски шуми ширум светот се сечат со стапка од 4,3 милиони хектари годишно.
Крајната цел на декларацијата е целосно да се сопре уништувањето на шумите до 2030 година. Но ова денес изгледа уште понедостижно отколку пред 5 години кога таа беше потпишана.
Во Средна и Јужна Америка, југоисточна Асија и Африка каде се наоѓаат најглемите тропски шуми, стапката на уништување драстично е зголемена во последните 5 години. Во Африка таа денес изнесува 4 милиони хектари годишно, во споредба со минатата деценија кога беше помалку од 2 милиони хектари.
Дополнителна загрижува што извештајот користи бројки заклучно со 2018 година, што значи дека во него недостасуваат податоците за последните пожари во Амазон. Научниците тврдат дека по тие пожари, овие веќе фатални бројки се далеку пострашни.
На овие податоци се надоврзаа и научниците од областа на климатските промени. Тие објаснуваат како глобалното затоплување ги суши дрвјата, ги прави лесно запаливи, ги расте температурите и овозможува полесни пожари. Ова пак исфрла уште повеќе јаглерод диоксид во атмосферата и го продолжува процесот.
Задржувајќи ги постоечките шуми живи и пошумувајќи ги сувите предели се покажа како најефтиниот начин за борба против овие проблеми.
Меѓутоа, главниот проблем подвлечен во извештајот е немањето поддршка од приватниот сектор на ова поле. Очигледните економски придобивки од уништувањето на шумите во повеќе индустрии на инвеститорите им се далеку поважни од природната средина.
Многу држави како Етиопија и Мексико започнаа масивно пошумување и садење дрвја во сувите предели, но тоа не е ни одблизу доволно да се бори со масовното уништување на глобално ниво.
Иако тоа е најефтиниот и најлесниот метод за сега, научницие тврдат дека вака ќе треба да поминат векови за шумите целосно да ги повратат своите способности за апсорпција на јаглерод и регулирање на климата.
(www.radiomof.mk)