Компанијата Desert Control го претвора пустинскиот песок во плодна почва и им дава надеж на милиони луѓе кои ги губат своите домови како што се проширува пустинското земјиште.
Desert Control користи посебна мешавина од глина и вода која се прска на песокот до длабочина од половина метар. Тоа му овозможува на песокот да ја задржува дождовната вода како сунѓер. Водата во песокот овозможува одгледување на растенија.
Таа мешавина од вода и глина се вика Liquid Nano Сlay или LNC.
„Desert Control има големо влијание врз општествата и врз климата затоа што ги позеленуваме пустините. Мисијата на нашата компанија е Земјата повторно да стане зелена“, вели директорот на компанијата, Атл Идланд.
LNC ја прави почвата поплодна и овозможува да се родат до 40% повеќе плодови и истовремено да се користи 65% помалку вода. Вообичаено потребни се 7-15 години за пустинската почва да стане плодна, а откако ќе се напрска со LNC, пустинскиот песок станува плоден по само 7 часа.
Притоа, во процесот не се користат никакви дополнителни хемикалии, а ефектите траат до 5 години.
„Ние правиме басени кои може да бидат 30-50 см длабоки во зависност од тоа што сакаме да одгледуваме. Во тој басен се задржува целата вода, па влажноста околу коренот на растенијата е соодветна со употреба на 52% помалку вода. Исто така, растенијата на тој начин примаат 20%-25% повеќе хранливи материи во себе затоа што и нутриентите остануваат во тој басен“, додава Идланд.
Пустинските фарми трошат трипати повеќе вода отколку обичните, па на пустинските земји им е поисплатливо да увезат храна отколку да ја произведат. На пример, Обединетите Арапски Емиратир увезуваат околу 80% од хранатa што ја консумираат.
„Знаеме дека се прошируваат пустинските предели. Ние можеме на луѓето да им овозможиме нормален живот така што ќе имаат доволно храна и извор на приходи. Моментално 42% од површината на Земјата е покриена со пустини и сушно земјиште“, објаснува Идланд.
Секоја година површина со големина на ЕУ се претвора во сушен, пустински предел. Тоа главно се случува во Кина, Индија и во Супсахарска Африка, каде што плодноста на земјиштето е намалена за 50%. 15% од мигрантите во светот ги напуштиле своите домови поради климатските промени. Во наредните 10 години 135 милиони луѓе можат да ги изгубат своите домови поради проширувањето на пустините.
„Ширум светот спроведуваме пилот-проекти. Од Пакистан преку Египет до Обединетите Арапски Емирати. Имаме зацртано цел до 2030 година да позелениме 5 милиони квадратни километри пустинско земјиште. Тоа ќе го смени животот на 100 милиони луѓе на Средниот Исток и во Северна Африка. Ние имаме директно влијание врз 8 од вкупно 17 цели на Обединетите нации за одржлив развој“, заклучува Идланд.
This company is turning desert into fertile soil
Could deserts become the next farms?📕 Read more: https://wef.ch/2UA4kK
Posted by World Economic Forum on Среда, 11 септември 2019