Телекомуникацискиот оператор „Оне.Вип“, кој е дел од групацијата „A1 Телеком Австрија“, присутна во седум земји во регионот, на почетокот на месецов и официјално се ребрендираше во „А1 Македонија“, а брендот „Вип“ стана „А1“. По тој повод, Иновативност имаше ексклузивна можност да разговара со главниот извршен директор на „А1 Телеком Австрија“ Групацијата, Томас Арнолднер
Разговараше – Верица Јорданова
Според Арнолднер, зад промената на брендот и името на компанијата стои многу поголема и суштинска промена која ќе влијае на сите сегменти од работењето, особено задоволување на комуникациските потреби на корисниците, најмодерна оптичка инфраструктура, мобилна мрежа од новата генерација која овозможува кристално јасен звук и подготвеност за 5G-технологија. Арнолднер ветува пристап до целосно конвергирано портфолио богато со услуги за македонските корисници, но и поволности, инфраструктура и експертиза за компаниите како да ги развиваат своите бизнис модели во дигиталната доба.
Г-дин Арнолднер, телекомуникациската компанија „Оне.Вип“ се ребрендира во „А1 Македонија“, а брендот „VIP“ стан „А1“. Првото очигледно прашање е каков бенефит ќе имаат од тоа македонските корисници на вашите услуги?
Ова е голем настан за компанијата, а особено за корисниците. Вип, односно сега А1 во Македонија се искачи од трет мобилен оператор, кога првпат влезе на македонскиот пазар во 2007 година во целосно конвергиран провајдер на дигитални услуги. Што значи тоа? Тоа значи дека денес не нудиме само мобилни, туку и фиксни услуги, телевизија, забава, ИТ услуги за претпријатија итн. Тоа е симболизирано со ребрендирањето и сега А1 во Македонија станува дел од семејството на брендот А1. Корисниците ќе имаат голем бенефит од ребрендирањето затоа што првенствено значително ќе се подобри квалитетот на услугите. Ќе имаат пристап до целосно конвергирано портфолио богато со услуги. Тоа важи и за приватните и за бизнис корисниците, како и за други институции и организации. Но, најбитно од се е дека ќе имаат пристап до експертизата која ја имаме во групацијата во развојот на нови, иновативни услуги. На пример, веќе почнавме со тестирање на 5G во групацијата. Понатаму, воведуваме апликации за самогрижа за корисниците, воведуваме дигитални канали, нови услуги во делот за забава.
Може ли да ни кажете кои се позитивните, а кои негативните страни на работењето под едно исто име во различни земји, каков бенефит ќе има „А1 Телеком Австрија“ од ребрендирањето?
За почеток, негативната страна е тоа што во различни земји почнуваме како мали, непознати компании, кои потоа ги ребрендираме и на корисниците треба да им објасниме кој е новиот бренд, за што се залага, што нуди…, а таа транзиција има своја цена. Но, од друга страна, предностите се помногубројни од недостатоците. Брендот А1 е многу посилен, многу е доверлив и стабилен и нуди богато портфолио со услуги. Нашите корисници го ценат тоа, сакаат да бидат дел од едно многу поголемо семејство. Ние се гордееме што сме такви, се гордееме што денес сме еден силен конвергиран играч на пазарот во Македонија.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате вие и телекомуникациските компании генерално во оваа ера на дигитализација и брз развој на технологијата?
Ако се навратиме назад на почетоците во Македонија, ние се фокусиравме пред се на обезбедување мрежа за мобилни разговори и малку на широкопојасниот Интернет. Тоа се смени низ годините, но беше добра основа за понатаму. Конектибилноста сега е се повеќе комерцијализирана и ние и целата индустрија имаме проблем со премногу регулативи и правила. Инвеститорите се разочарани затоа што многу од телекомуникациските компании не можат да си ги покријат капиталните трошоци. Ние како групација навреме реагиравме на тоа и се префрливме на други области, на конвергирање, на ИКТ услуги, на забава и денес многу подобро ги задоволуваме потребите на корисниците во оваа дигитална доба. Ние им го олеснуваме животот, им помагаме да бидат попродуктивни и им нудиме поголемо задоволство. Затоа растеме многу побрзо од нашите конкуренти на европскиот пазар. Одлично е да се биде во епицентарот на дигитализацијата и пред нас стојат многу повеќе можности. Ние им излегуваме во пресрет на тие прилики за уште повеќе да им го олесниме животот на нашите корисници и токму затоа правиме ребрендирање.
Веќе ги споменавме услугите и содржините кои им ги нудите на корисниците. Кои од нив според вас имаат најголем потенцијал и според тоа, каде ја гледате иднината на компанијата: забава, ИТ или нешто друго?
Мислам дека е комбинација од сите. Она на што најмногу се фокусираат луѓето не се технологијата или вмрежувањето, туку едноставните услуги. Тие ја сакаат едноставноста, комфорот, едноставниот пристап до нови услуги, а ние ги следиме желбите на корисниците. Што се однесува на компаниите, обезбедувањето ИТ услуги повеќе не вклучува само конектирање на луѓето, туку и на предмети и места и тоа навистина зема замав. На тоа работиме со друга компанија од групацијата, која се вика A1 Digital. Тие развиваат портфолија за компании за сајбер безбедност, за конектирање, за IoT. И македонските корисниците ќе имаат корист од тоа портфолио. На полето на приватните корисниците работиме во сегментот забава. Гледаме дека има голем интерес за гејмингот, за смарт уредите односно IoT, за музиката. Во тој правец се движиме и ние и таму го гледаме потенцијалот за раст.
Дали брендот А1 е ист на сите пазари или на различни начини комуницирате со различните корисници?
Всушност, и едното и другото. Имаме четири вредности кои ги застапува брендот, енергичност, едноставност, доверливост и квалитет на услуги. Тоа е исто на сите пазари. Маркетингот и она што го оставаме како наследство се адаптирани на локалните пазари. Од тој аспект се прилагодуваме на локалните потреби, многу ни е важно да имаме близок однос со корисниците затоа што ние сме еден од најголемите интернационални играчи.
Освен промената на името, што друго ќе донесе ребрендирањето на македонскиот пазар?
Станува збор за голем проект на кој работат многу луѓе од македонскиот тим и од групацијата и кои досега завршија одлична работа. Навистина сакам да им се заблагодарам за тоа што го постигнаа, затоа што ребрендирањето вклучува многу области од логоата на продавниците и на зградите, менување на веб-страницата, на мобилната апликација, на селекторот на мрежи на телефоните, на сметките итн. Тука е и комуникацијата на пазарот, да им се објасни на корисниците што се менува, а што не, за што се залага новиот бренд. Тоа е многу голем и возбудлив проект. Ние имаме големо искуство на овој пазар, но моментално се ребрендираме на сите седум пазари, па ова е едно доста возбудливо патување.
Како изгледа просечниот македонски корисник на вашите услуги, што сака, а што не сака? Како би ги советувале да ги користат новите дигитални алатки кои ги носи оваа дигитална ера?
Дигитализацијата е огромна прилика за секоја економија, за секој пазар на труд, особено за малите земји како Македонија, но и во мојата родна Австрија. Важно е да се има отворена економија за да се пречека дигитализацијата. Дигитализацијата е огромна можност за мигрирање на домашните бизниси на нови пазари, за високо обучените млади луѓе, кои не мора да ја напуштат родната земја за да ги извезуваат своите вештини надвор од националниот пазар. Мислам дека е многу битно да се фоксуираме на образованието. Почнувајќи од најмладите, треба да ги обучуваме луѓето за ИТ и дигитални вештини, за вештачка интелигенција, сајбер безбедност, кодирање. Мислам дека на бизнсите треба да им се обезбеди и инфраструктура и експертиза како да ги развиваат своите бизнис модели во дигиталната доба. Значи, ова е битно време за помалите економии, но мора да имаме на ум дека не треба само да се движиме, туку да се движиме со побрзо темпо отколку другите затоа што технологијата и дигиталната средина се менуваат многу брзо. Значи, не е доволно само да се оди напред, туку да се ставиме себеси пред другите. Токму на тоа поле сакаме да дадеме свој придонес како групација на сите пазари, затоа што сметаме дека тоа е одлична прилика за сите општества, па така тоа е голема можност и за Македонија. Навистина верувам дека не треба да и дозволиме на Азија да го има приматот во овој сегмент и уште имаме шанса како европски континент да ги свртиме работите во наша корист.