Директорката на Упрвата за јавни приходи, Сања Лукаревска денеска на прес-конференција оцени дека мерката „Мој ДДВ“ ги дава резултатите за целите за кои е воведена – влијае на намалување на сивата економија и враќа пари на граѓаните.
Лукаревска рече дека заклучно со 19 септември скенирани се 19,905,878 фискални сметки, остварен е промет од 10,073,372,640 денари, вкупниот ДДВ изнесува 1,093,180,972 денари, додека повратот на 15 проценти од платениот ДДВ изнесува 163,977,146 денари или 2.666.000 евра.
„Само во првите месеци од воведувањето на МојДДВ, јули и август, наплатата на ДДВ е зголемена за 10 проценти во однос на минатата година. Податоците говорат и дека вкупната наплата на даноци од година во година расте. За илустрација, наплатата на вкупниот даночен приход во 2019 година заклучно со август изнесува 53,4 милијарди денари што е за 9,2 милијарди денари повеќе , односно за 20.08 отсто повисока во однос на истиот период во 2015 -та година“, рече Лукаревска.
Таа истакна дека повратот на ДДВ кон фирмите се врши редовно и неселективно кон секој даночен обврзник, така што во 2019 заклучно со август извршен е поврат за 49.7 отсто повисок во однос на 2016 година.
„Годинава во стопанството се инјектирани 17 милијарди ,43 милиони денари (17,042,453,348), додека во 2016 година во истиот период, повратот изнесувал 11 милијарди 906 милиони денари (11,905,621,064). Во изминатиот период УЈП разви и Модул за автоматски поврат на ДДВ кон фирмите и пребивање на претплата на даноци кон сите даночни обврзници преку којшто целосно се намалува можноста од субјективност во постапката“, рече Лукаревска.
За граѓаните, додаде Лукаревска, овозможени се едноставни и лесни процедури при пријавувањето на Годишни даночни пријави преку воведувањето на електронскиот систем е-ПДД.
„Оваа година Управата за јавни приходи за прв пат ги изготви Годишните даночни пријави на граѓаните кои се регистрирани на системот е-Персонален данок. Со оваа реформа граѓаните се ослободени од административните процедури и долгото чекање на шалтери, а исто така имаат увид во своите приливи, платени или неплатени придонеси како и можност за коригирање на податоците од дома. Преку овој електронски систем веќе од 1 Јануари 2018 -та исплатувачите на приходите до Управата за јавни приходи доставуваат пресметки на аконтации на данокот на доход, коишто треба да ги платат при исплата на приходите на граѓаните. Со овој процес се олесни и се скрати постапката за пресметка и се елиминира можноста за настанување на грешки при уплата на данокот и можноста за појава на непрокнижени или погрешно прокнижени уплати на данокот“, додаде Лукаревска.
Таа го спомена и укинувањето на радиодифузната такса којашто, како што рече, претставувала несоодветен административен товар на Управата за јавни приходи и трошок на граѓаните. Лукаревска зборуваше и за прогресивниот данок што ги опфаќа најдоходовните еден процент од населението во земјава.
Досега со апликацијата „Мој ДДВ“ се скенирани 20 милиони фискални сметки
- Advertisement -
- Advertisement -