Ова се најдобрите земји за патување и туризам во 2019 година

- Advertisement -

Шпанија, Франција, Германија, Јапонија и САД се нациите кои се топ пет најспремни за туризам, покажа последното рангирање на Светскиот економски форум. Во споредба со изданието на извештајот објавено пред десет години има мала промена само во позицијата на една земја на листата – Обединетото Кралство падна на шестото место, веднаш зад САД. Потоа следуваат Австралија, Италија, Канада и Швајцарија.
Прашањето што се поставува тука е што ги прави овие земји посебно атрактивни за туристите? Во случајот со Шпанија, на пример, која е челната позиција од 2015 година досега, популарноста на земјата се должи на изобилството културни и природни ресурси – од живите градови со сончевите плажи, како и различната културна програма која варира од средновековни фестивали до современа уметност.
Инфраструктурата е уште еден битен елемент за конкурентноста на една земја, а според тој критериум Шпанија е рангирана многу високо, особено имајќи предвид дека во текот на изминатата деценија земјата има потрошено милиони евра на обновување патишта, железници и аеродроми.
Индустријата за туризам придонесува со 5% во БДП на Шпанија. Оваа бројка се очекува нагло да порасне во текот на наредните десет години главно поради растот на глобалната средна класа, особено во Азија. Всушност, патувањето и туризмот како глобална индустрија зема замав од 2017 година наваму и учеството на оваа индустрија во глобалниот БДП моментално е 10%, но се очекува во анредната деценија да се искачи до 50%.
Проблемот е во тоа што каде и да има огромен прилив на туристи, се појавуваат тешкотии и проблеми. Да го земеме за пример заливот во Тајланд кој стана популарен после филмот „The Beach“. Поради огромниот број туристи кои одеа таму, тој мораше да биде затворен затоа што луѓето нанеле огромна штета на коралите, на морската вода и на растителниот морски свет. Или Венеција, која мора да пренасочува бродови на други пристаништа за да спречи пренатрупување.
Во Барселона годишно има околу 32 милиони туристи, што кај локалното население од само 1,2 милиони жители создаде одбивност кон туристите. Поради се поголемата побарувачка за сместување се покачија цените на станбениот простор во градот, а туристите ги преплавуваат и плажите и понекогаш предизвикуваат забрзана ерозија на брегот.
За овие дестинации најбитно е да се најде начин да се менаџира со приливот на луѓе. Во извештајот на светскиот економски форум се посочуваат различни начини на кои може да се постигне тоа како што е, на пример, поттикнувањето на туристите да доаѓаат надвор од сезона, консултирање со локалното население за промена на политиката за туристите како и наплаќање влезници, како што почна да прави Венеција. На другата страна на светот, пак, Нов Зеланд и островот Палау направија уште похрабар чекор и побараа од туристите да потпишуваат еколошка заклетва дека нема да го уништат природниот екосистем.
Но, една од најбитните стратегии кои се изнесуваат во извештајот е инфраструктурата. Најбезбедниот начин една земја да има бенефит од туризмот е да инвестира во инфраструктура која ќе ги задоволи потребите на локалното население, како и на посетителите.

Сподели!
- Advertisement -