18.5 C
Skopje
понеделник, октомври 14, 2019
Почетна Интервју Климе Попоски: Дигиталната технологија драстично ја менува осигурителната индустрија!

Климе Попоски: Дигиталната технологија драстично ја менува осигурителната индустрија!

Kabtel desktop

Агенцијата за супервизија на осигурување  и и Здружението на финансиски организации при Стопанска Комора викендов го организираат „InsurHak Skopje“ , хакатон посветен на осигурителната индустрија. Целта на истиот е запознавање на студентите со осигурителната индустрија и развој на креативни решенија за унапредување на работните процеси на друштвата за осигурување и посредниците во осигурување.
Следната недела, пак, на 2-ри и 3-ти октомври во Скопје, ќе се одржи конференцијата „Insurtech Skopje“ во организација на Агенцијата за супервизија на осигурување, Здружението на финансиски организации при Стопанска Комора и Fintechguardian на која ќе учествуваат реномирани говорници  и компании од странство, на полето  на insurtech.
Овие настани се целосно посветени на иднината на осигурителната индустрија, која се соочува со бројни предизвици и можности предизвикани од дигиталната технологија која секојдневно се менува.
Ова беше поводот на оваа тема да разговараме со Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Разговараше – Верица Јорданова
Г-н Попоски, осигурувањето е индустрија која се повеќе се соочува со ризиците од денешното дигитално живеење и работење и потребата од креирање на нови модели и методи за осигурување на ризикот од истите. Какво е вашето видување на ова?
Целта на осигурувањето е да овозможи превземање на ризици, подршка на економскиот раст, да ги охрабри иновациите и на крај да ја зајакне отпорноста на општеството и на економијата. Осигурувањето игра значајна улога и е од голема помош на модерното општество во неговите напори да ги истакне најзначајните предизвици со кои се соочува, а тоа се сајбер ризиците, како и ефектот од технолошките промени и социолошките промени кои се под влијание на демографските трендови.
Дигиталната технологија – технолошкиот прогрес, и достапноста до нови извори на податоци – треба да донесе промена кај осигурителната индустрија и реконфигурирање на конкурентското опкружување. Се поголемото користење на (огромни) аналитики на податоци, вештачка интелигенција и интернет на нешта (Internet of Things) ја зголемува улогата на податоците во осигурувањето како бизнис модел. Технолошкиот прогрес ќе овозможи поефикасно и поефективно намалување на ризикот и превенција и ќе овозможи развој на моќни нови бизнис модели.
Дигиталната технологија го менува работењето на осигурителите од аспект кои ризици ќе ги превземе во осигурување и на кој начин ќе ги воспостави процесите на превземање на ризик, дистрибуција, администрација и управување со штети. Осигурувањето станува повеќе ориентирано кон клиентот. Улогата на осигурителите се проширува од примарна фокусираност на надомест на штета кон поширока советодавна услуга за клиентите која вклучува како да се спречат, намалат и да се управува со ризиците на кои се изложени.
Новите можности воведени со следењето во реално време и визуализацијата фундаментално ги менуваат односите на осигурителите со клиентите. На пример, доколку осигурениците им дозволат на осигурителите да ги следат нивните навики, овие податоци можат да се споделат и да се користат од осигурениците со цел да ги намалат ризиците преку менување на одредени навики што од друга страна ќе овозможи да се намалат премиите, на задоволство на клиентите.
Гледано од осигурителен аспект, кои се клучните придобивки, но и предизвици од користење на дигиталната технологија?
Дигиталната технологија има потенцијал да генерира значајни економски и социјални придобивки. Подобрената поврзаност на премиите со ризиците овозможува на посоодветен начин премиите да ги одразат ризиците. Квалитетни и релевантни податоци го подобруваат управувањето со ризици и системот на рано предупредување и овозможуваат навремено реагирање со цел да се намалат загубите и водат до дополнителни придобивки за осигурениците. Особено, во земјите во развој и растечките пазарни економии, дигитализацијата и новите технологии можат да помогнат да се подобри пристапот до осигурување на начин што истото станува достапно за секого, се создаваат нови пазари и истовремено овозможувајќи ги придобивките од осигурувањето на нови клиенти.
Новите технологии претставуваат нови можности, но исто така носат со себе и одредени предизвици и потенцијални трошоци кои клиентите, самата индустрија, и општеството во целина ќе треба да ги земат предвид. Постои загриженост од етички и социјален карактер, на пример во областите на заштита на приватноста и личните податоци, или во врска со се поголемиот пристап до осигурувањето од страна на високо-ризични индивидуи. Оттука, општествата треба да бидат свесни и да ги антиципираат овие развојни трендови како и ризикот дека етичкото однесување може да доцни и да заостанува зад технолошкиот прогрес. Исто така, постои загриженост дека веќе етаблираните технолошки компании, како Амазон или Гугл, би можеле да се поврзат со осигурителниот сектор, да го искористат нивниот монополизиран пристап до лични податоци и да извлечат непропорционална вредност од истиот и на тој начин да ја искористат својата далеку поповолна пазарна состојба во однос на осигурителниот сектор и да остварат значителна конкурентска предност. Ова би можело да доведе до раст на премиите и намалување на понудата на осигурителни услуги што секако би било на штета на клиентите.
Зборувате за доста сериозни закани со кои се соочува и осигурувањето како индустрија и сите ние како корисници на осигурителни услуги. За какви решенија се зборува во оваа насока?
Дигиталната ера носи радикален пресврт во природата на ризиците за општеството. Растечката меѓусебна поврзаност на многу начини ќе ги намали ризиците во рамки на постојните системи. Сепак, брзо растечката дигитализација и растот на отворени и поврзани дигитални оп кружувања, исто така создава нови ранливости и потенцијални закани кои се помалку предвидливи од досегашните. Како и за се останато, клучниот предизвик е како да се најде рамнотежа помеѓу ризиците и придобивките од новите технологии.
Здружување на ризиците и придобивките од законот на големите броеви ќе остане да биде носечки столб на осигурителниот бизнис модел. Регулаторите можат да ги олеснат условите за развој на начин што ќе донесат регулатива која ќе помогне на индустријата да иновира и да ги шири нејзините производи и да ги ужива придобивките од технолошкиот прогрес.

Кажете ни некои примери како дигитализацијата влијае на менување на осигурителните производи?
Постојат голем број на примери како дигитализацијата ја менува природата на осигурителните производи. На пример осигурување-според-потреба (on-demand insurance), осигурување-базирано-на-користење (usage-based insurance), и осигурување-на-заедничка – економија (the sharing economy).

  • On-demand осигурување е еден нов бизнис модел кој се специјализира во покривање само на оние ризици на кои сме изложени во моментот. Клиентите плаќаат за осигурување само кога предметот на осигурување всушност е во употреба и изложен на ризик. Тоа е една иновација која овозможува осигурително покритие буквално со едноставно повлекување по екранот на паметниот телефон.
  • Друга новопојавена форма на on-demand insurance е usage-based или плати-како-што-користиш покритие. На пример се продава осигурително покритие за моторни возила врз база на плати-колку-што-возиш-километри. Овие осигурителни полиси се наменети за луѓето кои возат многу ретко.
  • Осигурителните start-up компании ги користат придобивките од т.н the sharing economy. На пример, Cuvva, осигурителен start-up основан во Велика Британија, им овозможува на клиентите да ги позајмуваат автомобилите на нивните пријатели да ги користат не повеќе од еден час и ги осигуруваат само за времето кое го поминуваат во возење на истите.

Покрај новите и иновативни осигурителни продукти, се развиваат и нови канали за дистрибуција на истите!
Каналите на дистрибуција исто така се развиваат. И покрај тоа што традиционалните посреднички канали, како што се агентите и брокерите, сеуште доминираат во дистрибуцијата кај повеќето осигурителни сектори ширум светот, се поголем број на осигурувања постепено се превзема од страна на мобилни и интернет канали, особено во класи на осигурување како што се осигурување на моторни возила, кадешто природата на покритието се повеќе се стандардизира. Продажбите преку електронска трговија, вклучувајќи online продажби, маркетинг на далечина, или пак целни рекламни кампањи се се повеќе присутни. По се изгледа, дигиталната технологија на крајот ќе овозможи на клиентите да ги креираат и добијат скоро во целост нивните осигурителни потреби преку далечински дигитални канали.
Постапките на обработка на штети можат да бидат поедноставени и водени со користење на технилогијата. Автоматизирани известувања за штети, процесирање на штетите во реално време, предвидливи проценки на оштетувањата, способности за само-услужливост и електронски исплати се повеќе се користат со цел да се подобри ефикасноста во обработката и исплатата на штети. Осигурителни технолошки startup компании користат напредна аналитика, како на пример машински јазици, да создадат системи на рано предупредување и да приберат практични согледувања кои исто така спречуваат несреќи.
Техники на проценка по случување на осигурените настани кои користат дронови, сензори и сателитски снимки за брза и лесна обработка на штети (на пример, откако настанале природни непогоди) се повеќе се користат насекаде. Технолошки апликации можат исто така да бидат ефективни во откривање и намалување на осигурителни измами.
Најголемиот извор на создавање на вредност преку дигитализација лежи во способноста да се развиваат нови и повеќе ориентирани кон клиенти производи и решенија и истовремено да се намалат трошоците. Преку намалување на трошоците за прибирање и обработка на информациите, дигиталната технологија и автоматизацијата ќе им овозможат на осигурителите да го организираат работењето, да превземаат ризици во осигурување и да определуваат цена за ризикот како и да решаваат штети на поефикасен начин.  Во еден конкурентен пазар, ова на крај ќе води кон пониски премии, поголема достапност и зголемен раст на осигурителните покритија.

Сподели!
  •  
  •  
Сподели!
  •  
  •