Преку даночен календар, фирмите многу порано, шест месеци однапред, ќе ги знаат промените во даночната политика. Ова е исполнување на барањето на Стопанската комора на Македонија (СКМ), кое беше дискутирано денес на работната средба на министерката за финансии Нина Ангеловска со претседателот на Комората Бранко Азески и членките.
Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека како некој кој доаѓа од бизнис секторот ја знае реалната потреба од дијалог помеѓу креаторите на политките и бизнис секторот.- Знаете дека доаѓам од приватниот сектор и цврсто верувам дека за да креираме политики за подобра бизнис околина, треба да дискутираме за нив со реалниот сектор. Во таа насока, ќе ги разгледаме сите предлози на бизнис секторот. Еден од предлозите кои Стопанската комора го има и за која можам да кажам дека лично имам волја да се залагаме е воведување на даночниот календар. Тоа значи предвидлива околина за бизнисот, стабилност за да може да знаат да ги планираат однапред своите активности, да не може да се прават нагли промени кои ќе влијаат на планирањето на фирмите за догодина. Тоа значи шест месеци однапред да му дадеме време на бизнис секторот да се подготви за измените и да испланира за следниот период – рече министерката Нина Ангеловска.
Министерката за финансии Ангеловска истакна и дека посебен фокус ќе се даде на борбата против сивата економија.
– Еден од приоритетите на Министерството за финансии ќе биде токму адресирање на сивата економија со конкретни мерки и предлози. Само еден мал дел од тие мерки и предлози е мерката МојДДВ.Тука можам да ви најавам дека веќе се работи изминатиот месец интензивно на уредување заедно со Управата за јавни приходи и ќе ви ги најавиме дополнително промените што треба да бидат воведени. Верувам дека ќе бидат задоволни сите граѓани. Кога зборуваме за сива економија и на граѓаните и на бизнисот им е потребно да знаат дека функционира еден праведен даночен систем, каде што гледаат дека сите си ги плаќаат давачките. Фокус ќе биде да се опфатат да се внесат во системот, оние 20-40% субјекти за кои се смета дека се во сива економија. Тоа ќе биде фокус на Министерството за финансии да го адресира преку различни мерки. Сивата економија не е само во пазарот на труд, туку има во електронската трговија, зборуваме за сива економија на нерегистрирана дејност, за еден поширок опфат – рече Ангеловска.
Претседателот на Стопанската комора Азески рече дека на работната средба ќе се зборува и за иницијативата за сузбивање на сивата економија, за формирање на фискален совет, како и за други барања кои Стопанската комора ги има до Владата. Тој рече дека средбата со министерката за финансии предизвикал голем интерес кај членките на комората и дека преку дијалог треба да се изнајдат заеднички решенија.
(www.biznisregulativa.mk)
Ќе се воведе даночен календар за попредвидливо бизнис окружување
- Advertisement -
- Advertisement -