Според едно најнов истражување на возрасната популација во САД, миленијалците се најосамената генерација. Студијата YouGov покажала дека 30% од миленијалците секогаш или често се чувствуваат осамени, споредено со 20% од генерацијата X и само 15% од „бејби бумерите“.
Во YouGov биле вклучени 1.254 возрасни и истражувањето не анализирало зошто миленијалците се најосамени, но според претходните студии, социјалните медиуми и зависноста од интернет имаат голем придонес. Во истражувањето се посочува на студија од Универзитетот на Пенсилванија, која ја докажала врската меѓу користењето социјални медиуми и намалената добросостојба.
Загрижувачки е тоа што еден од пет миленијалци (22%) вклучени во YouGov рекле дека немаат пријатели. За споредба, 16% од генерацијата X и само 9% од „бејби бумерите“ го изјавиле истото. YouGov е последното истражување кое покажа висок степен на осаменост кај младите луѓе.
Едно истражување од 2018 година на компанијата за здравствено осигурување Cigna покажало епидемија на осаменост во САД. Речиси половина од 20.000 возрасни луѓе вклучени во истражувањето изјавиле дека понекогаш или речиси секогаш се чувствуваат изоставени или осамени, а најголем дел од нив биле млади луѓе.
Истражувања од други земји како Обединетото Кралство, Канада, Јапонија и Австралија исто така посочуваат на тој проблем. Во 2018 година BBC спроведе онлајн-истражување на 55.000 луѓе од целиот свет. Од нив највисоко било нивото на осаменост кај младите од 16 до 24 години.
Во Јапонија владата спроведе истражување на хикикомори, односно луѓето кои немаат социјален контакт и не ги напуштаат своите домови. Се покажало дека бројот на хикикомори на возраст од 15 до 39 години се дуплирал на 541.000 од последното истражување во 2010 година.
Осаменоста има последици врз психичкото, но и врз физичкото здравје. Истражувањата покажуваат дека социјалната изолираноста на подолги периоди има иста веројатност да доведе до прерана смрт или гојазност како и загадувањето на воздухот или пушењето 15 цигари дневно. Затоа многу креатори на политики постојано зборуваат за осаменоста како јавен здравствен проблем и лансираат национални кампањи за борба против неа.
Минатата година Обединетото Кралство назначи посебен министер за осаменост, додека научниците во САД работат на развојот на таблета која ќе ги третира ефектите на осаменоста врз телото и врз мозокот.