Кристина Кох и Џесика Мер утрово беа дел од историската прва прошетка во вселената изведена само од женски атронаути. Во 11:38 часот тие ја напуштија Меѓународната вселенска станица со цел да заменат расипан уред на спротивниот крај од станицата.
Нивната мисија се очекува да трае околу пет и пол часа. Ова е петтата ваква прошетка за Кох, но прва за Мер, која стана петнаесеттата жена која „проештала“ низ вселената.
Мисијата за првпат беше најавена во март кога НАСА изјави дека Кох заедно со Ана МекКлеин ќе ја изведат првата „вон-ракетна активност“ составена исклучиво од женски астронаути. Меѓутоа, тогашната мисија беше одложена поради недостаток од соодветно одело за МекКлеин.
Таа се одложи за 18 октомври и МекКлеин беше заменета со Мер. Целта на нивната мисија која се очекува да трае повеќе од пет часа е да ја заменат расипаната единица за контрола на моќ со нова.
По завршувањето на мисијата, стариот и нефункционален уред ќе биде вратен на земјата со помош на вселенското летало SpaceX Dragon на компанијата на Елон Маск, летало дизајнирано да испорачува товар и луѓе до орбиталните дестинации. Тоа е единственото вселенско летало кое моментно е во состојба да пренесува значителни количини на товар од Земјата кон вселенските станици и назад.
Досега неколку жени извеле слични вакви мисии, но секогаш биле придружувани од своите машки колеги. Првата жена која „прошетала“ низ вселената е русинката Светлана Савитскаја која заедно со Владимир Џанибеков излегоа надвор од советската Сајлут 7 станица на 25 јули 1984 година.
Првиот човек во историјата кој извел ваква „прошетка“ во вселената е советскиот астронаут Алексеи Леонов кој почина овој месец на 85 годишна возраст.