Генералниот секретар на Светската царинска организација (СЦО), Кунио Микурија од утре до 23 октомври ќе ја посети земјава по повод конференцијата на СЦО – ПИКАРД (Партнерство во царинското истражување и развој), која ќе почне во вторник, а чии домаќин е Царинската управа на Република Северна Македонија.
– Конференцијата под покровителство на СЦО годинава се одржува во Скопје, што претставува уште едно признание за напредокот во царинското работење во државава и интезивната соработка со СЦО и нејзините држави членки. Изборот Република Северна Македонија да биде земја домаќин на оваа престижна конференција е потврда за реформскиот напредок и посветеноста на Владата, Министерството за финансии и Царинската управа за вклучување во глобалните синџири на светската економија, модернизација на царинското работење и олеснување на трговијата, соопшти Царинската управа.
На 14. конференција ПИКАРД се очекуваат околу 200 гости од повеќе од 50 земји, царински експерти и академици кои ќе ги презентираат своите истражувачки трудови на годинашната тема – „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт“.
Светската царинска организација е основана во 1952 година како Совет за царинска соработка. Таа е независно меѓувладино тело чија мисија е зајакнување на ефикасноста и ефективноста на царинските управи. Во неа денес членуваат 183 царински управи од целиот свет кои заедно покриваат околу 98 проценти од вкупната трговска размена. Како светски центар на царинска експертиза, СЦО е единствената меѓународна организација компетентна за царински прашања.
Од Царинската управа наведуваат дека генералниот секретар на Светската царинска организација Кунио Микурија ќе биде домаќин на коктелот за добредојде на учесниците на конференцијата, ќе има поздравно обраќање и е еден од главните говорници на нејзиното отворање. хСподели