Јавните медиуми имаат една голема предност во однос на Фејсбук и Нетфликс бидејќи не мора да ја злоупотребуваме јавноста и да манипулираме со неа за да правиме пари – вели Матијас Еркиле, главен уредник на Svenska Yle, отсекот на шведски јазик при финскиот јавен сервис Yle. Тој е еден од говорниците на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје (ИФФС) што од 31 октомври до 2 ноември ќе се одржи во Кино Култура.
Еркиле во интервјуто за Иновативност мк, открива како блокчејн технологијата може да се искористи во новинарството, за што ќе говори на фестивалот и какви се неговите очекувања од посетата на Скопје.
Освен што ќе зборува на тема „Блокчејн, медиуми и поздрав интернет“, на 2 ноември Еркиле ќе одржи и работилница за дигитализација на редакциите, претставувајќи го примерот на Svenska Yle.
Господине Матијас Еркиле, Вие сте еден од говорниците на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје. Што очекувате од настанот?
Со нетрпение ја очекувам средбата со локалните дигитални новинари и разговорот со нив. Досега не сум ја видел програмата, па не можам да коментирам за тоа, но исто така сум среќен што по прв пат ќе го посетам Скопје. Неколку пати сум присуствувал на Интернационалниот новинарски фестивал во Перуџа, Италија, кој е сличен, но многу поголем настан и атмосферата таму секогаш е убава. Можам да кажам дека истото го очекувам и од фестивалот во Скопје.
Вие сте медиумски експерт за блокчејн технологијата. Може ли да ни кажете нешто повеќе за овој тип технологија и како таа може да му помогне на новинарството и на медиумите? Наведете ни некои примери.
Во некои дискусии блокчејн се споменува како решението кое може да помогне кај многуте проблеми во медиумите, почнувајќи од финансиите до уредничката контрола и автентичноста на содржините. Има некои медиумски проекти кои користат блокчејн за да менаџираат и со финансиските и со уредничките процеси, од кои најамбициозен е Civil. Можете да најдете повеќе примери на овој линк од оваа студија која јас ја напишав минатата година додека работев како
гостински научен соработник во Polis, новинарскиот think-tank на Одделот за медиуми и комуникации при Лондонската школа за економија и политички науки.
На фестивалот ќе говорите за блокчејн и за можностите кои ги отвора за новинарството. Какви иновации ќе презентирате?
-Досега има многу успешни приказни за примената на блокчејн во медиумите, но има некои проекти, на пример, кои имаат за цел да создадат пазари за содржини кои потоа ќе користат блокчејн за да се следат трансакциите.
Вие сте главен уредник во Svenska Yle, одделот на финскиот јавен сервис на шведски јазик. Дигиталните технологии, социјалните медиуми и новите трендови влијаат на повеќе начини врз медиумите, новинарството и врз јавноста. Како Вие се справувате со тоа во Вашиот медиум?
Ние се фокусираме на дигиталните медиуми повеќе години наназад, па тоа сега е дел од секојдневната рутина во работата. Предизвиците се вообичаените – секој мора да учи нови работи секој ден, но исто така да продолжи да ги прави старите како што се вестите на телевизија.
Што Ве загрижува најмногу, а на што најмногу се надевате кога станува збор за медиумите во дигиталната ера?
-Денес е потребна огромна енергија за да се фокусирате на толку многу различни платформи за објавување и на различните медиуми, а нови допрва доаѓаат. На пример, верувам дека треба да понудиме некој нов вид новинарски сервис за вести на големите платформи за четување како што е Discord. Истовремено, токму тој процес на откирвање и разбирање на новите медиуми е највозбудливиот дел од нашата работа. Исто така, ја ценам комуникативната природа на дигиталните платформи – сега можеме да бидеме во контакт и одблиску да работиме со нашата публика.
Кои се најголемите предизвици за јавните сервиси како Yle и BBC во еден свет каде што доминираат Facebook и Netflix и сличните на нив? Имаат ли тие предност во однос на новите медиумски гиганти?
Мислам дека јавните медиуми имаат една голема предност во однос на Facebook и Netflix бидејќи не мора да ја злоупотребуваме јавноста и да манипулираме со неа за да правиме пари. Тоа ни дозволува да градиме сервиси на транспарентен и кооперативен начин, а јавноста се повеќе ќе го цени тоа во иднина. Довербата, транспарентноста и интегритетот се од суштинско значење за новинарските сервиси и јас не сметам дека конкуренцијата ги поседува тие квалитети.