Сандра Георгиева ги креира македонските Moose чевличиња за деца кои проодуваат!

- Advertisement -

Сандра Георгиева е мајка на едно девојченце, и тоа, вели таа, е нејзиниот омилен епитет што и дава самодоверба. Таа исто така е и графички дизајнер, но до крајот на својот живот вели дека ќе биде занаетчија.

Преку грантот на Занаетчиската комора, а со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, Сандра и нејзиниот бренд Moose беа поддржани заедно со уште 26 занаетчии кои добија финансиска поддршка и советодавни услуги за регистрирање и отворање на нови занаетчиски работилници и веќе една година во земјава е препознатлива преку својот бренд Moose, односно по детските кожни чевлички, наменети за проодување.

- Advertisement -

Минијатурни и неверојатно привлечни, во десетина различни модели и бои, чевлињата на Moose стануваат омилени на домашниот, а од скоро и на странски пазари. Сандра вели дека занаетчиството во земјава е голема борба за опстанок, но задоволните клиенти и даваат сила да продолжи да создава. Moose, вели таа, ќе се проширува со нови модели и идеи, но и на нови пазари.

Разговараше – Сања Наумовска

- Advertisement -

Сандра, твојот бренд Moose постои веќе една година. Како дојде до идеја да креираш детски чевлички?

Мoose постои веќе цела година. Лани во март првпат објавив слики од изработени детски чевли на Инстаграм профилот. Претходно интензивно размислував за бизнис идеја, цело време ми беше на дофат чувството дека има нешто што треба да го работам, но не знев што.  Колку и да звучи апсурдно, сè беше на ниво на емоција. Буквално се случи преку ноќ, кога решив дека сакам да изработувам бебешки чевли. Цел живот имам пасија кон обувки, ценам квалитетни чевли, особено изработени од кожа. Дедо ми Васил беше чевлар, така да уште во раното детство имав можност да се сретнам со мајсторски вештини. Мислам дека од таму ја носам страста да креирам со сопствени раце. A ќерка ми беше пресудниот момент да донесам одлука.  

- Advertisement -

Твоите изработки се од чиста кожа и се наменети за дечиња што проодуваат. Колку е лесно или тешко да се направат детски чевлички, особено првите што ќе ги носат во животот?

Чевличките се од 100 отсто природна кожа. Имаат мека постава, односно мека основа што овозможува ноџето да се движи слободно, многу важно за правилен развој на одот. Кога почнав да ги креирам чевлите, однесов еден пар на ортопед и го прашав докторот дали може да ѝ купам на ќерка ми вакви чевлички за проодување. Добив зелено светло, баш затоа што не го ограничуваат движењето и се супер погодни за првите чекори. Ете, среќен ден за мене, медицински беа издржани. Инаку соработувам со една девојка од Холандија која е дипломиран дизајнер на чевли, која ми ги прави калапите, бидејќи сепак треба да се изработени по стандарди (големини, сразмер, страни..), а јас го дизајнирам надворешниот изглед. По струка сум графички дизајнер, па да речеме дека естетиката ми е силна страна. Изработката на еден пар во просек трае од два до три часа. Самоука сум и буквално правам сè сама во Moose, од набавка, кроење, шиење, дотерување, фотографирање, пакување, испраќање.. и воопшто не ми е тешко. Тоа сум јас.

Што те инспирира во создавањето на дизајните?

На почетокот ме инспирираше ќерка ми Деница, а сега ме инспирираат клиентите. Тие ми се движечка сила во целиот процес. Moose моментално има десет основни модели, останатото се варијации на тема и бои. Зголемувањето на моделите доаѓа спонтано, кога ќе почувствувам дека пазарот се заситува. Секако планирам проширување на моделите, а во иднина и целосно проширување со обувки наменети за секојдневна употреба во надворешни услови.

Какви се состојбите во домашната економија за еден занаетчија? Има ли услови да се развива?

Ако има човек љубов кон работата, занаетчиството во Македонија се исплати. Во ниеден друг случај не. Занаетчија не се станува туку така, а бизнисот се развива ако имаш акал. Условите се тешки од една причина, суровините се ограничени или се многу скапи. Тоа е борба што не секогаш ми се допаѓа. За среќа, поддржани сме од Занаетчиската комора која преку проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем пред се ни помогна полесно да ја започнеме целата приказна, но понатаму и во континуитет продолжија да ни даваат поддршка во однос на промоцијата и со еден вид заштита, бидејќи тие се оние кои се борат за правата на занаетчиите.

Дали купувачите кај нас го ценат трудот на рачната изработка?

Имам чувство дека ја ценат рачната изработка, а интерес има константно. Моментално главен извор за нарачка на Moose чевличките се официјалните Инстаграм и Фејсбук профили, а исто така можат да се купат/нарачаат во продавниците на „Мала Пажња“, во „Урма“ онлајн концепт продавница и „Е-бебе“ онлајн продавница. Клиенти ми најчесто жени од целата земја, а последниве два месеци продажбата почна да се одвива и во странство.

Сподели!
- Advertisement -