Последните години светот околу нас станува паметен – од телефони, часовници, машини за перење алишта и фрижидери до паметни градови. За таквата технологија која ги олеснува животите и ни помага во секојдневниот живот размислуваат и институциите кои управуваат со затворите во Хонгконг.
Моментално чуварите во затворите се под голем притисок затоа што постојано мора да патролираат по ходниците, често не знаат кој затвореник каде е и мора рачно да ги пребројуваат, а проблемот е во тоа што чуварите не го знаат идентитетот на сите затвореници. Тие проблеми треба да ги реши технологијата благодарение на која затворите во Хонгконг треба да станат побезбедни, а чуварите растеретени. Тоа сакаат да го постигнат на три начини.
Првиот начин се роботски чувари, кои веќе се тестираат во некои од затворите, а треба да го решат проблемот со недостигот од луѓе. Опремени се со камери и микрофони, преку кои затворениците ќе можат да комуницираат со затворскиот персонал, а и патролите по ходниците би ги вршеле почесто тие.
Останатите две технолошки решенија чие тестирање треба да почне наскоро се однесуваат на камерите со препознавање лице и на паметните алки. Благодарение на нив затворениците постојано би се следеле, па персоналот секогаш ќе знае каде се наоѓаат. Исто така, со паметните алки би го потврдувале идентитетот за чуварите да знаат кој затвореник е пред нив.
Управата на затворите сака да користи и напредна аналитика, која заедно со системите за видеонадзор ќе може да предвидува сомнително однесување и така да ги сопре потенцијалните проблеми пред да се појават. Освен за поголема безбедност и за следење, во Хонгконг размислуваат и за воведување технологија за забава и учење на затворениците.