Овие чевли стануваат поголеми паралелно со растот на децата. Хуманитарната организација Because International ги измисли овие чевли за децата во сиромашните земји со цел да ги заштити од опасностите кои ги демнат кога одат боси.
The Shoe That Grows може да „расте“ до пет броја, а се дизајнирани да траат пет години. Направени се од компресирана гума, со лепенки кои се прилагодуваат на ногата, а ги дистрибуира самата организација.
Откако еден од основачите на организацијата запознал мало девојче во Кенија кое носело чевли на кои делот кај прстите бил отсечен за да може да и ги соберат стапалата, дошол на идејата да направи вакви чевли.
Секој пар чевли чини 20 долари, а парите се добиваат од донации. Досега во земјите во развој се поделени 225.000 пара. На глобално ниво 1,7 милијарди луѓе страдаат од болести и паразити кои ги добиваат преку почвата кога одат боси, а децата без чевли се особено во опасност.
385 милиони деца во светот живеат во екстремна сиромаштија. Што би можеле да измислиме за да им помогнеме?