Македонската невромаркетинг платформа ИМПАЛА се пробива во Израел!

- Advertisement -

Весна Кузмановиќ е управител на компанијата СТРАТУМ РиД која стои зад ИМПАЛА, иновативна платформа од област на невромаркетинг за тестирање на стимуланси преку мерење на движење на зеница на око и препознавање на емоции преку микроекспресии. Платформата се користи за маркетинг цели и веќе ги има првите корисници во Македонија. Импала планира и сериозна експанзија на странски пазари!
Иновативност разговараше со Весна Кузмановиќ која неодамна беше во деловна посета на Израел.

Разговараше – Верица Јорданова

- Advertisement -

Г-ѓа Кузмановиќ, кажете ни која беше целта на посетата на Израел?

Кон крајот на минатиот месец бев во посета на Израел и сеуште сум под силни импресии од тоа што го видов таму, посебно во организацијата на еко системот на иновации. Амбасадорот Дан Ориан е високо професионална личност, со отворен ум, а сепак скромен и лесно достапен за сите кои сакаат да научат нешто ново и да напредуваат. Тој ја организираше мојата посета до толку ситни детали што јас научив и видов многу повеќе од тоа што се надевав. Пред организацијата на посетата, тој дури и ми се јавуваше неколку пати за да се запознае до детали со Импала, и да увиди што е она што навистина би ми помогнало за професионалниот развој. Импала ја претставивме на практично сите стратешки партнери и потенцијални корисници од еко системот во Израел. Посетив три универзитети: Хебрејскиот Универзитет во Ерусалим, Бар Илан Универзитетот во Тел Авив и Холон Технолошкиот Институт. Потоа ги посетив трите акцелератори кои поддржуваат иновативни идеи од различни области, како АтоBe, BioHaus, Allin Innovation center. Ја посетив компанијата Оrcam, Министерството за надворешни работи итн. Секаде бев примена прекрасно.

- Advertisement -

Првото чувство беше изненаденост од отвореноста, посветеноста и подготвеноста да се помогне со совети и со понуда за соработка. Неверојатно е колку луѓе со импресивни кариери во област на наука, претпреимништво и иновации да се толку достапни да одвојат време и да разговараат како со рамен на себе. Тоа кај нас не е вообичаено. Кај нас сите некако се обидуваат да глумат холивудски ѕвезди, без разлика во која област функционираат. Во Израел разговарав со кандидат за нобелова награда кој, без да барам, понуди да ни направи валидација на методата со најсовремена технологија за мерење на движење на зеница на око, апаратура која ја нема во ниеден институт ниту во нашава држава ниту во регионот.

Од сите на кои ја презентирав, Импала беше проценета како одлична алатка со огромно поле на примена. Сите Универзитети се согласија дека можат и ќе ја користат платформата како клауд лабораторија за истражување во област на социјалните науки.

- Advertisement -

Со Институтот за оптиметрија и Brain Centarot, на Универзитетот Бар Илан, ќе креираме конзорциум со кој ќе истражуваме и ќе се обидеме да го екстраполираме методот во други научни области. Ова ќе биде скалирање на Импала и влез во области кои ќе отворат многу врати.

Во акцеларторите кои ги посетив добив контакти од старт апи кои работат на слична проблематика односно користат микроекспресии како метрики во други области и практично со нив, ќе можеме да креираме многу понапредни алгоритми и да ги екстраполираме во други области односно да се изродат нови решенија.

Кои впечатоци ги понесовте со себе од Израел генерално и од остварените посети?

Како што кажав и претходно Во Израел има навистина што да се види, а и што да се научи. Среќна сум што ја сретнав извонредната г-ѓа Rachel Shelly Levy Drummer, која има потекло од Македонија и која покрај тоа што ми ја организираше посетата на Универзитетот Бар Илан дури и ме покани во својот дома на празникот Ханука со што имав можност да се воодушевувам на спонтаноста, отвореноста и вистинските хумани вредности кај Израелците. Можам цел роман да напишам за сето искуство што го стекнав во тие осум дена, но, сепак овде на кратко ќе наведам кои ми се главните согледувања:

  1. Квалитетно образование е и мора да биде приоритет. Тоа значи стимулација на истражувачки научни проекти, опремување на лабораториите, вклученост на студенти во научни проекти од самиот почеток.
  2. Младите да се стимулираат да читаат, не да си играат со разни технолошки гаџети (во Израел децата од најмала возраст се со книги во раце и тоа насекаде. Неверојатно ми беше кога ги гледав како читаат на скали во трговски центри, во паркови на клупи, на авотбуските постојки итн. Во сите ресторани и кафетерии во кои седев, не забележав ниту едно дете со телефон во рацете. Сите деца беа со книги, со боенки, итн,
  3. Соработка на сите нивоа. Соработката и интердсциплинарниот пристап се клучни за одење напред. Ниедно друго сценарио на изолиран пристап на едно дисциплирен не може да биде успешно или да стимулира развој.
  4. Државата мора да биде основен и голем генератор на развој на сите области а посебно на претприемништвото базирано на наука. Поддршката мора да биде мултидимензионална, во смисла на финансии и вмрежување. Секако комерцијална односно државните институции да ги користат напредните солуции развиени од стартапите.
  5. Мораме да работиме на промена на менталниот склоп кај граѓаните а посебно на креирање на нов, здрав вредносен систем. Во Израел вредносниот систем се базира на знаење и лични достигнувања во професионалната сфера. Материјалниот аспект никаде не се форсира ниту е значаен во проценката на квалитетот на живот. Токму затоа и претходно наведов дека мора да вложуваме многу во образованието но и да промовираме успешни и докажани професионаци во науката, претприемништвото, културата. И младите да се градат во правец на луѓе со самодоверба стекната од сопствен труд, знаење и достигнувања а не самодоверба да им пружа професијата на нивните родители, марките на облека која ја носат или забавата во животот. Во Израел од мали нозе ги учат на напорна работа, истрајност и посветеност.
Со Rachel Shelly Levy Drummer

Познато е дека Израел е лулка на иновации. колку е лесно или тешко да се “продаде“ иновативна идеја во Израел?

Мотивот да отидам во Израел беше токму тој, да проверам како Импала ќе биде евалуирана во светски хаб на иновации како што е Израел. И верувајте, јас сум пресреќна и презадоволна затоа што од сите добив високо позитивен фидбек. Секако дека детектиравме некои празнини или пропусти, добив и сугестии за унапредување, но најважно е што од сите со кои се сретнав добив согласност за соработка и користење на Импала.

Кажете ни во која фаза од развој е Импала и некои интересни детаљи поврзани со креирањето на Импала?

Импала бета верзијата е готова, истестирана и планираме лансирање на Светскиот економски форум во Давос. Тоа мислам дека ќе биде одлична можност за глобален пласман. Се надеваме дека успешно ќе помине се како што помина и во Израел.

Инаку, Импала е прва DIY платформа ( Do it yourself- платформа која нуди интеракција) од област на неуромаркетинг. Се користи за тестирање на стимулуси преку мерење на движење на зеница на окото и препознавање на емоции преку микроекспресии.

Морам да напоменам и да ја споделам и среќата и успехот со целиот тим кој стои позади Импала а посебно со Тамара Димитрова која од прв ден е со мене во креирањето на решението. Нашата соработка засега е плодна на повеќе полиња и се надевам дека сме на почеток од креирање на вредности со кои Македонија ќе се гордее. Навистина е неверојатно како тим составен од членови со голема возрасна разлика волку успешно фунцкионира. Јас понекогаш се чувствувам како да сум на почеток на студии затоа што тек учам основни поими од ИКТ, и Тамара, Кико, Виктор, Борко иако помлади од мене ми објаснуваат трпеливо како на мало дете што е што, и зошто така треба да се одвива. А често и не ги разбирам што зборуваат па учам од нив нови изрази, фрази.

А професорот Коцарев е толку голем научник и интелектуалец што повторно секоја средба ја користам за да научам нешто ново од него, не само од областа на ИКТ туку генерално од наука, образование, процеси во развој на нови производи и услуги итн.

Ако треба целото иксуство во развој на Импала да го опишам со еден збор, тоа е учење или личен раст.

ЛАНСИРАЊЕТО НА ИМПАЛА ЌЕ СЕ СЛУЧИ ВО ДАВОС, НА СВЕТСКИОТ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ А СЕ НАДЕВАМЕ И НА ПРВАТА МИЛИОНСКА ИНВЕСТИЦИЈА.

 Импала е решение за кое се зборува многу. Дали решението се применува и во пракса, на кои пазари и кој е резултатот од маркет валидацијата?

СТРАТУМ РиД ја користи Импала повеќе од една година како десктоп апликација за клиенти од регионот. Проценката наша беше дека ќе тргнеме на овој начин за да можеме да собереме доволно податоци но и повратни информации за методот, за разултатите, за бенефитите од ваквиот тип на тестирање итн. Сето ова планираме да го искористиме како тестимонијал при презентациите договорени кај потенцијалните нови клиенти надвор од регионот. Засега се се одвива одлично, фидбекот е повеќе од позитивен.

Алкалоид е клиент со кој почнавме да ја користиме алатката и секој позитивен збор од менаџментот на македонската најуспешна компанија е повеќе од мотивирачка за нас затоа што покрај искуството и огромното знаење, менаџментот на Алкалоид е доволно отворен за нови идеи, но истовремено и знае да процени што е она што му треба на пазарот односно не се што е ново значи и дека е ефикасно. Затоа за нас круцијално важно беше нивната евалуација на резултатите кои ги добија. Кога го нарачаа и вториот проект знаевме дека тие како клиент и ние како давател на услуга сме вин вин комбинација и дека заеднички ќе почнеме да ги освојуваме пазарите низ светот.

По посетата на Израел и искуствата кои ги собравте таму, дали можете да направите паралела во поддршката за иновативни идеи и стартап компании во двете земји?

Неколкупати досега сум зборувала на оваа тема и мислам дека никогаш не е се доволно кажано. Генералниот впечаток е дека работите се движат но, не со такво темпо какво што треба. Има многу програми, се отворија и неколку инкубатори и акцелератори но, сепак мислам дека пристапот не е доволно добро осмислен и испланиран. Некако се трошат нерационално ресурси на работи кои нема суштински да го забрзаат растот. Мислам дека на прво на кое што треба да се работи е промена во образованието и креирае соработка помеѓу сите стратешки групи или партнери.

Фондот за иновации започна многу работи да ги имплементира и да го забрзува процесот но, му треба помош во етаблирање на стратегијата и воведување на ситем на мониторинг за прогресот. Тие имаат програми буквално за сите сегменти, од основно образование, преку средно, универзитетите до подршка на старт-апите но и зрелите компании.

Она на кое што мора да се работи веднаш според мене е подршка при комерцијализација од страна на државата односно, државата да се јави како прв корисник на иновациите развиени од македонските компании.

Бидејќи и да се поддржат старт апите ако не успеат тие да го поминат процесот на пазарна валидација тогаш нема да дојде ниту еден инвеститор. А ако првиот корисник даде позитивна евалуација тогаш и другите потенцијални кроисници ќе се охрабрат да го пробаат решението.

Не знам дали е познат фактот но, во Израел војската е еден од најголемите поддржувачи односно прв корисник на иновативните решенија развиени од старт-апите. Исто така и во Америка, Армијата има неограничени фондови за решенија развиени од стратапи кои им решаваат проблеми од различни сфери.

Кај нас не мора да се специфицира една институција но, мора барем секоја од државните институции да стимулира развој на решенија за нивните детектирани проблеми. Најевтино и најлесно е тие солуции да ги развиваат стартапи.

Исто така во Израел секој Универзитет има свој Акцелератор кој пружа можност на студентите да ги применат најновите научни достигнувања во бизнис решенија. Кај нас тоа исто така мора да стане пракса.

За крај Ве молам да ни кажете кои се плановите врзани со Импала?

Целата идна стратегија би ја свела на една реченица – тимот на Импала работи посветено да стане глобална компанија која ќе ја користи секој бизнис ентитет но, и сите професионалци поединци кои креираат содржини во било кој медиумски формат.

Сподели!
- Advertisement -