Истражување на „Еуростат“: Македонците избегнуваат да купуваат на интернет

- Advertisement -

Еден од четворица граѓани во ЕУ избегнува откривање лични податоци на социјалните мрежи поради безбедност, покажува истражувањето на „Еуростат“ за употребата на информатичко-комуникациските технологии во домаќинствата и кај поединци во 2019 година.

Околу 44 проценти од граѓаните во ЕУ на возраст меѓу 16 и 74 години рекле дека ги ограничиле своите приватни активности на интернет во последните 12 месеци поради загриженост за безбедноста.

- Advertisement -

Генерално стравот од злоупотреби при користење на информатичко-комуникациските технологии е поголем кај западните земји, додека жителите од регионот и Источна Европа се порелаксирани во однос на опасноста на интернет.

Автоцензурата поради страв од злоупотреби и измами на интернет кај поединците е најчеста кога од нив се бара да откријат лични информации на социјалните или професионални мрежи.

- Advertisement -

Според истражувањето, Македонците се највоздржани кога станува збор за нарачки и купување преку интернет, при што 19 проценти рекле дека избегнуваат онлајн пазарување поради страв од измами, но затоа само на четири отсто тоа им пречи кога преземаат софтвер, апликации, музика, видео, игри или други податоци од интернет.

Додека еден од десет жители на нашата земја рекол дека поради страв од злоупотреба не користи интернет-банкарство и јавна ви-фи мрежа и не открива лични информации на социјални или професионални мрежи, во Германија еден од пет жители не користи интернет-банкарство, а еден од тројца жители на Холандија се плаши да користи јавна ви-фи мрежа.

- Advertisement -

Највоздржани од откривање лични информации на социјални или професионални мрежи поради страв од злоупотреба се жителите на Франција – 40 отсто, Холандија – 39 проценти и Финска – 37 отсто, додека најопуштени при користење интернет на социјални или професионални мрежи се жителите на Литванија – шест проценти, Бугарија – осум отсто и Хрватска – 9 проценти. На ниво на ЕУ просекот изнесува 25 проценти.

Истражувањето на „Еуростат“ за употребата на интернет и комуникациски технологии во домаќинствата и луѓето е спроведено во втората половина на 2019 година. Со истражувањето се опфатени лица на возраст од 16 до 74 години и се однесува на безбедносни проблеми со користење интернет преку кој било уред, како што е десктоп-компјутер, лаптоп, паметен телефон или друг уред.

Според истражувањето, Македонците најмногу, или 68 проценти, го користат интернет за социјални мрежи, додека просекот во ЕУ е 57 отсто. Околу 65 отсто од испитаниците рекле дека интернетот го користат за телефонирање или видеоразговори, а 45 проценти за добивање здравствени информации. Најмалку 15 отсто рекле дека го користат интернетот за онлајн банкарство, додека тој просекот во ЕУ е 59 проценти. Најмногу електронско банкарство или над 90 проценти користат граѓаните на Норвешка, Данска, Холандија и на Финска.

(instore.mk)

Сподели!
- Advertisement -