Малезија на богатите земји им врати 150 контејнери со пластичен отпад и им порача дека нема да биде светска депонија. Откако Кина во 2018 година го стопираше најголем дел од увозот на отпад, Малезија е преплавена со пластика од развиените економии како САД и Велика Британија.
Имено, многу кинески компании кои се занимаваат со рециклирање пластика се преселија во Малезија после кинеската забрана, поради што во земјата дојде до недозволени испораки на огромни количини пластика.
Владите во регионот сега ја враќаат илегално увезената пластика, а министерската за заштита на животната средина на Малезија изјави дека Малезија вратила 150 контејнери во кои имало 3.737 тони отпад од разни земји, вклучувајќи ги Франција, Велика Британија и САД.
Земјите кои испраќале отпад морале да ги покријат трошоците за враќање на контејнерите. „Не сакаме за тоа да дадеме ни пара. Кога некој незаконски ќе го фрла ѓубрето во вашата земја, нема вие да плаќате за да им го вратите назад“ порачуваат од Малезија.