Прототип фабрика за производство на воздух беше отворена во склоп на Европскиот центар за технологија и истражување на вселената, поточно во Лабораторијата за материјали и електрични компоненти во Нордијк, Холандија.
„Тоа што имаме сопствена фабрика ќе ни овозможи да се фокусираме на производство на кислород, да мериме со огромен спектрометар додека се екстрахира од месечевиот реголит. Несомнено дека би било корисно да се најде начин да се добие кислород од ресурси од Месечината. Тоа ќе биде корисно за идните жители на Месечината за дишење и за производство на ракетно гориво“ велат научниците од Универзитетот Глазгов, кои се дел од иницијативата за соработка на ESA за добивање научна експертиза за примена во вселената.
Екстракцијата на кислород ESTEC ја прави со метода наречена електролиза на стопени соли. Реголитот се поставува во метална кофа со стопен калциум хлорид кој служи како електролит и се загрева до 950 степени Целзиусови. На таа температура реголитот останува во цврста состојба.
Тие додаваат дека благодарение на фабриката ќе можат да работат на развој на верзија на системот која ќе може да се пренесе до Месечината и да функционира во лунарни услови.
Примероците од лунарниот реголит донесен од Месечината покажуваат дека е составен од 40%-45% кислород, кој е најдоминантниот составен елемент. Но, тој кислород е хемиски врзан во оксиди во форма на минерали или стакло, па не може да се користи во таа форма. Кога ќе се спроведе струја низ реголитот, кислородот може да се екстрахира од него и да се собере во анода. Како бонус нуспропизвод од овој процес се добиваат корисни метални легури.
Овој процес, всушност, за прв пат го разви британската компанија Metalysis, но го користеше за производство на метални легури и кислородот кај нив беше нуспроизвод, кој се испушташе во форма на јаглерод моноксид и диоксид. Верзијата на ESTEC е редизајнирана за да може да се мери количината кислород која се испушта.
Крајната цел би била да се дизајниран пилот фабрика која ќе може одржливо да функционира на Месечината, а првата презентација на технологијата се очекува околу 2025 година.