Поврзување на корпорациите со стартап сцената, воведување на најновите технологии и трендови во корпоративното секојдневие, едукација за започнување и развој на бизнис, поддршка и менторство во сите области на развој на бизнисот, како и создавање на мрежа на партнери и инвеститори, се најважните основи на кои се темели работата на ICT Hub од Србија.
За нивната мисија, да создадат напреден екосистем каде корпорациите ќе учат за агилност, ефикасност и иновации, додека стартапите ќе добијат можност да ги пласираат производите на едно сосема ново ниво, разговараме со Милош Матиќ од ICT Hub. Тој објаснува дека зградата на ICT Hub Playground е единствен простор во центарот на Белград кој инспирира иновации и поттикнува создавање. Тоа е простор каде локалната стартап заедница се собира и напредува, каде корпорациите се поврзуваат со стартапи и е дом на првиот приватен фонд за капитал за стартапи во рана фаза.
Разговараше – Сања Наумовска
Г-дин Матиќ, кажете ни нешто посетално за работата на ICT Hub?
Центарот за развој на претприемништво, технологија и корпоративни иновации започна да работи во 2014 година, како бизнис инкубатор. Почетоците датираат од времето кога во Белград имаше само три инкубатори и многу малку стартапи. Како одминуваше времето, локалниот еко систем созреваше, а ние по успешната соработка со триесетина тимови и стартапи, увидовме дека унифицираните програми за обуки веќе не ги задоволуваат потребите на пазарот, бидејќи евидентна беше разликата меѓу стартапите во однос на годините на постоење, искуствата и знаењето.
Во тој период една друга појава веќе беше видлива на глобалниот пазар. Големите корпорации изгледаа загрозени од малите стартапи и нивната моќ да им одземат голем дел од пазарот. На пример, тоа беше случајот со Airbnb и со големите ланци на хотели, кои по големата светска криза започнаа да го губат уделот во пазарот. Многу од корпорациите тогаш одлучија да се отворат за поразлични знаења и одлучија да работат заедно со стартапите. Првиот клиент кој нас ни пристапи беше Сосиете Женерал банката во 2016 година. Тоа беше моментот кога започнавме да ја реализираме линијата на корпоративни иновации. Во моментов имаме 27 клиенти во најразлични индустрии, меѓу кои се и IBM, операторот А1, Рош и други.
Следната област на која сме посветени е обезбедувањето инвестиции. Во регионот, освен менторската поддршка, имаше многу малку инвеститори кои им беа поддршка на стартапите. Првиот приватен инвестициски фонд беше создаден од деветмина поединци, дел од нив кои живеат и работат во Србија, а дел на повеќе страни во светот.
Споменавте дека работите на интензивирање на соработката меѓу корпорациите и стартапите. Кој е заемниот бенефит за едните и за другите?
На тоа поле постои многу голем потенцијал за раст. Првите чекори беа тешки, но кога се појавија првите успешни приказни интересот нагло се зголеми. Корпорациите не се подготвени за иновации, бидејќи во нив секој вработен, а особено менаџерскиот тим има свој делокруг, секој ја работи својата работа и ретко размислува надвор од тие граници. Корпорациите се свесни за своите проблеми, но немаат време за да изнајдат креативни решенија за нив. Стартапите, пак, делуваат иновативно и креативно и нудат брзи решенија, како на пример на хакатоните, што за големите компании е незамислив начин на делување.
Може ли да ни посочите кокретни примери за соработка меѓу големи фирми и стартапи?
Во изминатиот период завршивме два проекти, едниот со Мајкрософт и вториот со агенцијата Директ медиа јунајтед груп. Во првиот проект беше организиран настанот Open innovation challenge, каде стартапите, креативците и поединците беа повикани да дадат решенија за претставените проблеми и добивме фантастични решенија од кои Мајкрософт беше воодушевен. Во вториот случај, агенцијата Директ медиа е дел од маркетинг индустријата, која пак, е многу конзервативна и скептична во поглед на решенијата од стартапите. Преку проектот, оваа компанија сакаше да биде првата на пазарот која ќе ги приближи решенијата на стартапите до маркетинг заедницата, а со тоа ќе си обезбеди и подобра позиција на пазарот во однос на конкуренцијата.
Соработуваме и со банки, иако за првите резултати во овој сектор ни требаа две до три години. За да започне таа успешна приказна пресуден беше менаџментот на една банка, кој беше свесен дека му требаат иновативни решенија и ентузијазам за соработка. Започнавме со нивните интерни процеси и зајакнување на човечкиот потенцијал, а резултат од сето тоа, по три години, е реализацијата на успешна соработка меѓу старт ап и банката. Преку ова партнерство се реализираше модел за работа на банките со микро фирмите, кои се во сопственост на едно лице и кои плаќаат паушален износ на данок. Тоа се фирми кои во Србија најчесто ги користат ИТ експертите кои ги нудат своите услуги на пазарот, кои имаат високи и стабилни приходи, плаќаат редовно паушален износ на данок, но сепак, дотогаш беа целосно невидливи како клиенти на банките. На овие фирми ниту една банка не сакаше да им даде кредит, бидејќи, според нивните тогашни пресметки, не им беше стабилен кредитниот скоринг. Преку соработката со стартапот беа моделирани нови алатки за пресметка на ризикот наменети за овој тип на фирми, а како резултат од оваа соработка во рок од шест месеци таа банка го зема 20 отсто од пазарот во земјата.
Споменавте дека ICT Hub оформи и инвестициски фонд. Кои се условите што треба да ги исполнат стартапите за да добијат ваша инвестиција?
Првенствено, важно ни е стартапите да имаат од три до пет сопственици и секој од нив да има своја улога со која се надополнуваат. Исто така бараме да имаат свој продукт кој е функционален во моментот и барем еден клиент кој веќе да платил за тој продукт или услуга. Инвестицијата е во висина до 50.000 евра, бидејќи во инвестиција влегуваме во раната фаза. Вклучително даваме и менторство, маркетинг и пристап до нашата мрежа на контакти низ светот. За тоа земаме од пет до 15 отсто од сопственичкиот удел. Во инвестирањето имаме и регионално искуство, освен во Србија, имавме една инвестиција и во Црна Гора, а ги следиме и македонските стартапи, иако засега немаме конкретна соработка. Исто така заитересирани сме и за пазарите во Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, а потенцијално и за Албанија.