Денешните соларни панели не функционираат ноќе од очигледни причини, но истражувачи на Универзитетот Калифорнија веруваат дека пронашле ново решение кое ќе им овозможи на специјално дизајнирани фотоволтаични ќелии да генерираат енергија дури и ноќе.
Иако енергијата која ќе ја генерираат ноќе ќе биде само една четвртина од таа што ја генерираат преку ден, сепак нема да бидат нефункционални ноќе. Она што го направиле истражувачите е еден вид „обратни“ соларни панели.
Конвенционалните соларни панели се ладни во споредба со Сонцето и ја апсорбираат светлината, но ако земеме некој потопол предмет и го поставиме на ладно место, ќе почне да испушта топлина во форма на инфрацрвена светлина. Токму тоа го искористиле истражувачите од Универзитетот Калифорнија.
Тие ги насочуваат нивните соларни панели кон небото, каде што ќе испуштаат инфрацрвена светлина затоа што се потопли од вселената. Благодарение на уредот наречен терморадијациска ќелија, се генерира енергија при испуштањето топлина, па истражувачите мислат дека ова е пресврт во развојот на соларните панели.
Тие моментално ги истражуваат теоретските и практичните ограничувања на овие соларни панели. Тие имаат направено прототипови во лабораториски услови, но велат дека има уште многу работа додека да се направат „обратни“ соларни панели кои ќе генерираат поголема количина енергија.
Ако се оди според планот, во иднина ќе може да се прават соларни панели кои ќе може да се користат и дење и ноќе за генерирање енергија.