(ВИДЕО) 360° Случај РДФ за „Усје“: Македонија забрани тридецениска пракса на ЕУ

- Advertisement -

Пескара – седиште на истоимената провинција во срцето на Италија. Преку ден на улиците – сообраќаен метеж, ноќе – подредени канти за отпад, во различни бои, спремни за подигање од комуналната служба. Во зелената канта е отпадот за кој граѓаните сметале дека не може да се рециклира и тој завршува во место добро познато и во нашата држава.

Ова е фирмата „ДЕКО“ која до скоро извезуваше РДФ-отпад и за потребите на цементарница „УСЈЕ“ во Скопје. Резултатите од мострите земени на граница и испратени на проверка во Естонија, покажале дека не се работи за опасен отпад. Испраќачите оттука велат дека гарантираат за секоја пратка. Еве зошто.

- Advertisement -

Камионите со комунален отпад поминуваат на проверка за радиоактивност уште не влез во фирмата. Откако ќе добијат зелено светло, отпадот се депонира во огромна јама и почнува процесот на автоматска преработка. 370 000 тони комунален отпад од регионот годишно завршуваат во „Деко“.  Ѓубрето се растресува, се дроби и уште еднаш се проверува содржината. Дел оди на компостирање, дел завршува на депонија, а она што може да се спаси и да стане алтернативно гориво или РДФ поминува преку комплексен биолошки третман.

Кранот автоматски препознава за каков вид на отпад се работи и го дели во секции.

- Advertisement -

Просторијата е изолирана и под висока температура.

„Оди од 55 до 75 степени целзиусови. Ја создаваат бактериите. Бактериите загреваат се што е органско во отпадот. 55 проценти ќе станат РДФ“, вели Фабрицио Депиро, генерален директор на „DECO“.

- Advertisement -

Надзорот е 24-часовен. Воздухот неопходен за притисок при третманот на отпадот се добива преку биолошки филтри. Фабриката е непосредно до куќи, но поради изолираните простории, ништо не излегува надвор и не се чувствува никаков мирис. Сепак, ова не е доволно за контролите да се намалат.

„Нè контролираат многу темелно и, јас би рекол, секој ден, тоа е државната власт со подрачни канцеларии. Исто така, надлежните органи од регионот секојдневно ја контролираат целата дозвола, а имаме и полиција за животна средина“,додава Депиро.

На крајот од фабриката завршува и ланецот на преработка. Отпадот веќе е претворен во алтернативно гориво.

„Ова е последниот дел од процесот. РДФ е исечен на малечки парчиња. Гледате, ова е чиста пластика, некоја хартија и текстил внатре, бeз никакви органски фракции. Не мириса, не е опасен, ова е материјалот“, објаснува Депиро.

Финалниот производ е во форма на бала и е цврсто обвиткан. Годишно „Деко“ произведува до 100 000 тони РДФ, а финансирањето на целиот процес го обезбедува од таксата што им се наплаќа на оние од кои го собира отпадот – домаќинствата и правните субјекти. Половина од производството е за италијански цементарници и други индустриски капацитети, а половина за извоз. „Деко“ засега бесплатно го праќа РДФ-отпадот до корисниците во Грција, Кипар, Тунис, Скандинавските земји, а делумно наплаќа само од Северна Африка оти е најдалеку за транспорт. Логиката зад „бесплатното“ гориво е едноставна- ЕУ стимулира што поголем процент од отпадот на контролиран начин да најде своја примена, наместо да заврши на депонија. Така, „ДЕКО“ добил дозвола а потоа и пари за да собере што повеќе отпад а што помалку од него да фрли на депонија. А цементарниците имаат интерес да го користат РДФ горивото бидејќи им го намалува трошокот на производство.

И пратките за Цементарница УСЈЕ се бесплатни до пристаништето во Солун, од каде со камиони се пренесуваат во Македонија, трошок што го покрива скопската цементарница. За секоја пратка, па и за последната наменета за нашата земја, „ДЕКО“ однапред ги известува италијанските власти, транзит земјата – Грција и нашето министерство за животна средина. За пратката да тргне треба да добие „амин“ од сите три земји.

„-Сега не можете да извезувате РДФ во Македонија, согласно нашиот закон. Што мислите за ова?

Мислам дека ова не требаше да се случи, Северна Македонија ќе биде дел од ЕУ и треба да ги следи сите европски правила. Сите земји во ЕУ дозволуваат легално и контролирано движење на РДФ“,

вели Депиро.

Италија ги рангира фирмите и според степенот на почитување на законите при работењето – колку пати биле опоменати или казнети. „Деко“ има највисока оценка – три ѕвездички, што за нив е признание дека работат според стандарди.

„Најверојатно има нелегални движења на отпад, но она што ние го правиме е поразлично. Не знам што е мафија, тоа нема врска со нас. Ние сме, исто така, регистрирани во REACH регистарот. Тоа е специфичен регистар, усогласен со европското законодавство, каде материјалот подлежи на специфична контрола во однос на потенцијални опасни активности. Ја поминавме оваа спецификација и сме дел од регистарот на производи“, вели Депиро.

Засега никој не ја знае судбината на 650 тони РДФ-гориво од „Деко“ за цементарницата „Усје“, задржани на македонската граница, за кои испитувањата во Естонија покажаа дека се исправни, а се увезени по стариот закон. Уште 350 тони чекаат на солунското пристаниште, но во меѓувреме, под притисок на јавноста, Собранието го забрани увозот на алтернативни горива како извор на енергија, па прашање е дали ќе влезат во земјава.

Неколку часа пред да се менува Законот во Собрание, се одржа протест пред УСЈЕ.

Сподели!
- Advertisement -