Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд, смета дека епидемијата на коронавирусот во Кина претставува најголема неизвесност со која се соочува глобалната економија.
Таа изјави дека и министрите за финансии на Г20 и централните банкари треба да преземат мерки за намалување на другите ризици, како што се трговијата, климатските промени и нееднаквоста.
Меѓународниот монетарен фонд проценува дека кинеската економија ќе закрепне за краток рок ако нарушувањата брзо се завршат, додека ширењето на епидемијата би резултирало со „поостро и подолготрајно забавување на растот на Кина“, со поголеми глобални последици, напиша Георгиева на веб страницата на Фондот.
Таа потсети дека ММФ во јануари прогнозираше зајакнување на глобалниот раст во 2020 година на 3,3 проценти од минатогодишните „разочарувачки“ 2,9 проценти, бидејќи се забележани знаци на стабилизација и намалување на ризикот, вклучително постигнување на првата фаза од трговскиот договор помеѓу Кина и САД.
Меѓутоа, во јануари не предвидовме глобална здравствена опасност додава Георгиева, што, како што наведува, е факт кој потсетува како непредвидените настани може да го загрозат кревкото закрепнување на растот.
Истакнувајќи дека глобалната економија е далеку од цврсти темели, шефицата на ММФ порача дека, и според најдобрите сценарија, проектираната стапка на раст во светот е сè уште скромна во премногу делови на планетата, подвлекувајќи ја потребата за решавање и намалување на неизвесностите кои се поврзани со прашања како што се трговијата, климатските промени и нееднаквоста.
(denar.mk)