Кина минатата година добила три пати повеќе нови милијардери од САД, кои богатството го заработиле во фармацевтскиот и во секторот за интернет забава по мини-експлозијата на епидемијата на коронавирусот, според новообјавената ранг листа на најбогати луѓе на светот на кинеското списание “Хурун Рипорт”.
Во регионот Голема Кина, кој ги вклучува Хонгконг и Тајван, бројот на нови милијардери за една година, заклучно со 31-ви јануари 2020-та година, пораснал за 182 на вкупно 799 лица во однос на 59-те новопечени богаташи во САД, покажуваат податоците од “Глобалната листа на богаташи 2020” на Хурун.
Иако избивањето на коронавирусот во Кина и задало удар на втората најголема светска економија, тоа исто така поттикнало раст на акциите на кинеските компании кои се занимаваат со образовна дејност преку интернет, он-лајн игри и вакцини, се наведува во извештајот.
Со оглед на тоа дека голем број на кинески граѓани за време на епидемијата останале дома поради карантин и ограничување на патувањето, побарувачката за интернет услугите пораснала, што резултирало со раст на заработката на давателите на он-лајн услуги, а значајно профитирале и претприемачите во областа на здравството специјализирани за вакцинација.
“Кина денес има повеќе милијардери од САД и Индија заедно”, навел Руперт Хугеверф, основач и претседател на Хурун Рипорт, според чија пресметка САД има 629 милијардери, а Индија 137.
Сепак, на чело на листата на Хурун најбогати луѓе во светот и натаму се американски бизнисмени, а првото место веќе трета година по ред го држи основачот на Амазон, Џеф Безос, со богатство од 140 милијарди долари.
Меѓу кинеските милијардери најбогат е Џек Ма, основач и некогашен претседател на Алибаба, со имот вреден 45 милијарди долари, кој се наоѓа на 21-то место, а го поминал и Илон Маск од Тесла благодарение на вртоглавиот раст на цената на акциите на американскиот произведувач на електрични автомобили.
Зад технолошките компании, како главни извори за генерирање на богатсво, следат компании од секторот на недвижнини, производство, финансии и малопродажба.
И покрај американско-кинеската трговска војна, Рен Џенгфеи, основач на телекомуникацискиот џин “Huawei”, со седиште во Шенжен, кој е на црната листа на американската влада, го зголемил личното богатство за 7,0 проценти на три милијарди долари, што е некаде на нивото на богатството на американскиот претседател Доналд Трамп, наведува “Reuters”.