На 26 и 27 февруари во хотел Мериот во Скопје се одржа конференцијата Pitch. Match. Grow, организирана од PwC Северна Македонија, со поддршка на Македонска берза, USAID Business Ecosystem Project, Стартап Македонија и Скопје Marriott Хотел.
На овој настан, учесниците добија корисни информации од прва рака и практични насоки за финансирање на своите иновативни проекти, идеи и стартапи.
Ивана Шољан беше дел од оваа конференција. Како водечки инвеститор на Funderbeam во Хрватска, водечки инвеститор во Include, компанијата на младиот Иван Мрвош која произведува паметни клупи и главен извршен директор на хрватската организација за креирање на екосистем за стартапи HUB385, таа во Скопје испрати неколку клучни пораки и до младите претприемачи и до инвеститорската заедница.
Верица Јорданова разговараше со Шољан.
Вие сте еден од водечните инвеститори во лобалната краудфандинг платформа Funderbeam, која од неодамна е достапна и на македонскиот пазар. Кажете ни нешто повеќе за Вашата работа?
Јас имам доста големо искуство во корпоративниот свет. Работев во Хрватски телеком во процесот на приватизација, кога компанијата излегуваше на берза. Имав и свои компании, меѓу кои Клик, онлајн портал кој се спои со мал технички стартап, од кој настана Искон интернет. Oд мала фирма прерасна во еден од првите интернет сервис провајдери во Хрватска и му стана конкуренција на Хрватски телеком, кој потоа реши да не преземе. Со преземањето станав дел од менаџментот на Хрватски телеком. Во последниве години, заедно со пријатели, го направивме Hub385, центар за иновации и креативност кој едновремено е coworking простор лоциран во стара пропадната фабрика. Правиме јавни хуманитарни акции за да го продолжиме животот на просторот, организираме настани и доста се дружиме со тимот, со млади луѓе главно од технолошки компании или компании кои имаат врска со технологија.
Каква е ситуацијата на стартап сцената во Хрватска?
Јас мислам дека никогаш не била подобра. Мислам дека денес ситуацијата за малите фирми, односно стартапите е многу подобра отколку порано. Најпрвин, има многу повеќе извори на финансирање, а потоа има и многу повеќе волја од страна на поголемите компании да испробуваат и тестираат нови решенија, кои главно доаѓаат од стартапи. Порано не можеше туку-така да се влезе на пазарот. Ако имате, на пример, услуга за достава на пратки, не можеше да влезете во пошта и да им понудите да испробате достава со дронови. Денес дури и државните фирми нема да ве одбијат затоа што процесите се менуваат.
Кога се случи таа промена во ставот на на менаџерите на хрватските компании да бидат поотворени кон испробување на нови работи?
Далеку од тоа дека во Хрватска е се мед и млеко. И овде тешко оди развојот на нов бизнис, но се повеќе се случува. Пред неколку години никако не можеше да се случи такво нешто. Од друга страна, имавме и многу мали фирми кои преку разни начини на финансирање многу бргу постигнаа врвни резултати, било да се финансиски или развој на некој производ, скалирање итн.
Она што мене ме донесе тука е соработката со Загрепската Берза, која во Хрватска го донесе Funderbeam, онлајн платформата за групно финансирање, кој направи многу голема промена на хрватскиот пазар на финансирање. Оваа платформа е едноставен начин да се тестира некој бизнис моделот. Најпрвин се определува дали бизнисот е погоден за Funderbeam. Ако е погоден, се бара водечки (lead) инвеститор. Тој подлабоко навлегува во документацијата и неговата задача е да го популаризира она што го прави компанијата. Зависно од проектот, може да се работи на развој и на подобрување на производот или услугата, на скалирање на компанијата итн. Јас сум водечки инвеститор на компанијата Include и веќе имавме две рунди на инвестирање. Првиот пат собравме 200.000 евра, а во втората рунда минатото лето собравме скоро 1,5 милион евра. Евалуацијата на компанијата порасна за неколку пати и тие сега извезуваат паметни клупи во повеќе од 50 земји.
Инаку Lead инвеститор не значи дека тој треба најмногу да инвестира, туку дека треба да познава многу луѓе кои ќе ги убеди да инвестираат по малку. Има многу луѓе кои работеле, имале добра плата, заштедиле пари, а не знаат каде паметно да ги инвестираат. Всушност, тие не ни имале каде да инвестираат помали износи. Во овој случај, тоа можете да го направите преку Funderbeam со тоа што ќе помогнете некој млад бизнис да застане на нозе. Нема да останете гладни ако пропадне компанијата, но од друга страна можете тие 500 евра да ги претворите во 5.000 или 50.000 евра. Јас би им препорачала на сите кои имаат малку повеќе искуство, имаат некоја заштеда, работеле во некоја корпорација, да се испробаат да бидат lead инвеститори. Прво, ќе им помогнете на младите луѓе, а друго туѓото искуство многу им значи на малите фирми. Тоа не значи дека секојдневно треба да работите со нив, туку да им понудите корисен совет. Задоволството е огромно да помагате на млади луѓе со вашето искуство и контакти.
Како да ги мотивираме претприемачите да постават свој бизнис проект на платформата за групно финансирање Funderbeam во Македонија?
Најпрвин треба да се демистифицира терминот стартап. Тоа се пред се млади луѓе кои влегуваат во бизнис, многу често во технологија затоа што е полесно скалабилна и побргу може да прерасне во нешто глобално. Доволно е тој стартап да порасне за 100-200 пати во однос на влезната вредност и тоа ќе биде доволно за Хрватска или Македонија кои се многу мал пазар. Нам не ни требаат големи корпорации, туку ни требаат многу мали и средни претприемачи кои способно живеат на пазарот и го развиваат и пазарот и околината. Токму тие се фирмите кои може да се обидат да приберат финансии преку Funderbeam.
Освен Include, имате ли уште некоие фирми во кои инвестирате?
Пред неколку дена завршивме со инвестиција во Stemi, стартап кој се занимава со едукација. Oвој стартап направи хексабот робот и разви онлајн програма за STEM едукација во средните училишта. Тие успеаја програмата да ја продадат како годишна лиценца на доста голем број средни училиште и сега не им требаат пари за ширење, туку само локални партнери.
Со колегите работевме и на Funderbeam кампањата за Медведград, стара пиварница која почна со нови брендови и оваа кампања исто така се заврши добро.
Мислам дека луѓето кои имаат енергија, имаат волја и знаење нешто да направат, тие имаат и храброст да го направат тоа. Тие што ќе пропаднат, кои нема да успеат од првиот обид, повторно ќе се обидат
За крај, според вашето богато искуство што е пресудно за еден стартап да биде успешен? Како да ги мотивираме луѓето да не се откажуваат после првиот неуспех?
Мислам дека ако прашате различни инвеститори, сите ќе имаат различно мислење. Јас мислам дека многу е важна женската перспектива. Јас знам многу малку за работата која ја работат стартапите. Јас не можам да го проценам квалитетот на технологијата, но можам да ја следам женската, емотивна логика за да утврдам кој може нешто да направи. Исто така, мислам дека луѓето кои имаат енергија, имаат волја и знаење нешто да направат, тие имаат и храброст да го направат тоа. Тие што ќе пропаднат, кои нема да успеат од првиот обид, повторно ќе се обидат.
Друга многу важна работа се тимовите. Не се лидери тие коишто секогаш прават како што мислат, туку тие што ќе го послушаат мислењето на тимот и ќе признаат дека нешто погрешиле. Мислам дека луѓето треба да се спремни да послушаат совет, разумно да одлучат што е добро и што не е, да го применат тоа и да бидат многу упорни. Јас би ги поддржала таквите луѓе затоа што на таа база одредувам кој вреди. Други одлучуваат на база на поврат на инвестиција, анализа на пазарот итн.