Името за новиот ровер, кој ќе биде лансиран на Марс во јули годинава, е избран преку онлајн конкурсот на НАСА.
Меѓу 28.000 имиња предложени од ученици ширум Америка, од оние во предучилишните установи до оние во средните училишта, девет имиња беа издвоени за да гласа целиот свет и сега е објавен победникот, пренесува Си-Ен-Ен.
Новиот ровер на Марс ќе се вика Perseverance (Упорност) , а името го предложи тринаесетгодишниот Александар Метхер, седмоодделенец од Вирџинија. Тој ќе има можност да го проследи лансирањето на роверот, кој е закажано за јули.
Кога Метхер имал 11 години, неговите родители го испратиле во вселенски камп во Хантсвил, Алабама, каде видел лансирање на ракетата Сатурн V и останал без зборови.
„Веднаш знаев дека универзумот ќе ме интересира до крајот на животот“, рече момчето, кое сака да стане инженер и се надева дека ќе се вработи во НАСА.
Тој напиша и есеј за името на новиот ровер, во кој истакна дека сите предложени имиња се интересни и добро ќе го опишат, но упорноста треба да биде еден од неговите најважни квалитети, без оглед на неговото име.
Со 28.000 предложени имиња, групата од 4.700 ученици го намали бројот на предлози до полуфиналето на 155, а во последната трка беа вклучени девет имиња: Издржливост, Истрајност, Ветување, Упорност, Визија, Јасност, Генијалност, Сила и Храброст.
Perseverance е изграден со цел да се соберат примероци од Марс кои ќе бидат вратени на Земјата за проучување. Ќе пребарува знаци на живот, минерални наоѓалишта и можни микроскопски фосили во кратерот и околината, што ќе им помогне на научниците да утврдат дали некогаш бил можен животот на Марс. Авантурите на овој ровер може да се следат на нов профил на Твитер, создаден специјално за него – @NASAPersevere.