Кога е во прашање пазарот на електрични автомобили, Tesla е далеку пред конкуренцијата, но таа конкуренција не спие и се подготвува за да ја дочека спремна електричната иднина. Познато е дека Volkswagen планира да инвестира десетици милијарди евра во развој на е-решенија во групацијата VW, а големи планови има и американскиот General Motors.
Извршната директорка на GM, Мери Бара неoдамна најави дека до 2025 година планираат да инвестираат 20 милијарди долари во развој на електрични автомобили, што е дел од нивната стратегија од производител на автомобили со мотори во внатрешно согорување да преминат на електрични возила. Дел од стратегијата е и преминување на модуларна платформа за електрични возила и новата батериска технологија Ultium, благодарение на која цената на батериите, кои се инаку најскапите компоненти на електричните автомобили, ќе биде значително пониска. Така, цената на батериите на нивнито електричен модел Chevrolet Bolt би можела да биде за 45% пониска.
Освен цената, новата технологија треба да овозможи и поголем досег на возилата и се споменуваат повеќе од 650 километри со едно полнење на батеријата. Со пониската цена на батериите оди и поголема моќност, па ќе се решат некои од најголемите проблеми на пазарот. Третиот голем проблем – бројот на станици за полнење, исто така со тек на време ќе се реши затоа што ширум светот се градат се повеќе станици за полнење на е-возила.
Од GM се наведаат дека до 2025 година ќе ја зголемат годишната продажба на е-возила на 1 милион во САД и во Кина. Пред нив е голем предизвик затоа што минатата година во САД се продале околу 16.400 модели Chevrolet Bolt EV и околу 60.000 од моделот Baojun E-Series во Кина. Што се однесува на Teslа, компанијата на Маск минатата година продала 367.500 електрични возила ширум светот, од кои 223.000 само во САД.