“Life in the time of Corona” е Инстаграм профил на Битолчанката Мимоза Велјановска која со своето семејство неколку години живее во Кина, во градот Шенжен, во провинцијата Гуандонг. Таа за “Иновативност“ раскажува како е да се живее седум недели во изолација, како функционира системот на известување и превенција во Кина и како изгледа животот во време на корона?
Разговараше: Љубица Ангелкова
Епидемијата во Кина го помина шпицот, соопшти Националната здравстена комисија. Во Кина бројот на новозаразени дојде на најниско ниво откако изби епидемија. Националната здравствена комисија соопшти дека има нови 15 заразени и 11 починати, што е најмалку од декември, кога започна сé.
Да се потстетиме, во најтешко погодената провинција Хубеи и градот Вухан беа најголемиот дел од вкупно 80.793 заразени и 3.169 починати.
Мимоза, во Кина живеете нешто повеќе од осум години. Таму сте со Вашето семејство, сопругот Иван и двегодишната ќеркичка Мика. Но, сепак далеку од поширокото семејство и пријателите кои се во Европа. Како ги примивте првите информации на крајот на минатата година кога започна овој вирус кој дефинитивно ја промени и Кина, но и светот?
Уште на почетокот на годината, околу 10 јануари, прв пат допре до нас веста дека има некаква болест, слична на пнвемонија. Но никој не се загрижи нешто особено. По точно дест денови од таа вест, непосредно пред кинеската Нова Година, дојдоа информации дека бројот на случаите расте. На два денови пред да започне празничниот одмор, на работа луѓето почнаа да носат маски и имаше средство за дезинфекција насекаде. 24 јануари беше датумот кога луѓето требаше да заминат дома за празникот, а на тој ден Вухан беше ставен во карантин. Овој празник е период на најголемата миграција во светот, ако се знае масовната бројка на Кинези кои патуваат. И така проблемот стана голем. За два дена вирусот се рашири насекаде. Во градот Шенжен каде што ние живееме, немаше воведено официјално карантин, го нарекуваа Прв круг од 14 денови. Но, во нашата зграда не беа дозволени посети. Еве и по 7 недели, иако спласна бројот на нови случаи, таа забрана се уште трае. Купивме храна и продукти кои ни беа потребни за отприлика две недели и останавме дома, строго придржувајќи се на мерките и препораките. По улиците немаше никој, освен доставувачи на храна. Буквално, градот беше во хибернација.
Европа, па и светот имаа чуден однос во информирањето околу тоа што се случува во Кина, но Кина одржа лекција како една држава со огромна бројка на население, може да се соочи со епидемија која по неколку месеци го клекна светот на колена. Како се дистрибуираа информациите за заштита до жителите, кои ги применивте од старт за ефикасно да започне процесот на превенција?
Има портали кои пренесуваат вести на англиски јазик, но јас навистина сум благодарна на моите колешки и колеги кои постојано ме известуваа што објавуваат кинеските медиуми на локалниот јазик, што се случува, важни броеви, статистики и слично. Она што беше добро е што за целиот проблем имаше висока транспарентснот и одговорност од страна на медиумите, со постојано повторување на мерките. Носењето маски стана задолжително и постојано охрабрување на граѓаните да бидат дома, што навистина се почитуваше. За хигиената и останатите детали, да не зборувам. Информативно и едукативно тоа одеше на сите медиуми. Имаме и апликација да следиме колку случаи има околу нас, во која зграда или куќа, на која дистанца од нас. Во секој случај, еден добро организиран систем.
Колку време живеете во самоизолација и што значи животот во домашен карантин таму?
Во самоизолација сме веќе седма недела, одиме до супермаркет по храна и толку. Сé што се внесува дома, се брише со влажни марамчиња за дезинфекција, облеката се соблекува веднаш штом дојдете дома и се става за перење. Надвор, задолжително е носење на заштитни маски, ракавици и наочари.
Моето училиште веднаш прогласи распуст, кој се уште трае. Се очекува околу 1 април да се вратиме на работа, но најверојатно и тоа ќе се пролонгира. Опцијата онлајн учење овозможува часовите да се одвиваат. Сопругот Иван работи од дома затоа што во неговата фирма им беше сугерирано секој кој има услови, да работи од дома.
Што Ве поттикна да го направите Инстаграм профилот “Life in the time of corona”?
Идеjата за профилот на Инстаграм, надвор од мојот приватен, беше на другарка ми Мартина која живее во Македонија, а со сите мои другарки таму сум во постојан контакт. За да не се грижат, испраќав фотографии од дома и од тие инцидентни излегувања надвор. Мартина предложи да направи Инстаграм профил за подобро да бидат информирани. Таа е и кума на името на профилот. И така започнав.
Како изгледа еден ваш ден во домашна изолација?
Позитивната страна на самоизолацијата е тоа што имаме време еден за друг, нешто што порано никогаш не сме го имале во толкава мерка. Предизвик е да наоѓаш занимации со двегодишно дете кое беше научено да игра надвор, да минува време во осмислени активности, кои секогаш биле подалеку од телевизорот. И да ви кажам, правам различни активности, слични на тие кои би ги имала во нејзината градинка. Мика всушност е најсреќна во самозиолација затоа што двата родители се постојано со неа.
Дали размислувате да ја напуштите Кина кога започна сé?
На почетокот од февруари размислуваме да си одиме. Бројката во Шенжен растеше со 50 случаи дневно и тоа најмногу во делот од градот каде што живееме ние. Мика е мала и не можевме никако да ја убедиме да носи маска. Дополнително, се разубедивме со фактот колку е безбедно да патуваме со авиони и да се движиме по аеродроми со толку мешан свет од секаде. Имаме и два мачори, кои се сепак наше семејство и не постои дилема дека сакаме да ги оставиме. И така одлучивме да бидеме тука, да бидеме дисциплинирани со строго придржување во препораките да останеме дома и да се надеваме на најдоброто.
Дали продавниците беа релативно снабдени или правевте резерви на храна, дали работеа ресторани и други услужни дејности?
Во маркетите на почеток беа распродадени сите средства за дезинфекција, а сé останато имаше. Системот за дистрибуција се покажа одличен во вакви услови. Одлична опција е што можете преку апликација да нарачате сé, но повремено одиме и до супермаркет. Извесно време освен маркетите за храна, ништо друго не работеше, а рестораните работеа само за достава. Кината и театарите сé уште се затворени.
Кинезите се солидарна нација. Дали имавте помош или едноствано само следевте совети од Националната здравствена комисија?
Следевме и сеуште следиме совети и строго се придржуваме. Подобро да има “over reaction”, отколку “no reaction”.
Кога не работевте, како го осмислувавте времето дома? Вашата ќерка е мала, но како постапувате како родители во деновите кои се долги и нема можност за прошетки и секојдневни игри со врсници?
Некој посебен распоред дома немаме, се дружиме, готвиме, храната ни е хајлајт во денот. Мика прави избор што ќе се игра, за да играме заедно. И даваме одредено време на таблет, цртање коцки, пеење, играње со вода и пластелин. Заедно вежбаме. Има денови кога е напорно, ни недостига рутината да се оди на работа, но ние гледаме на позитивната страна од изолацијата: продолжен одмор, време за семејството, гледање филмови и серии, слушање аудио книги и музика.
Кои се основните совети кои би ги споделиле со жителите на Македонија кои се информирани, но не ги препознаваат вистинските ризици од ширење на вирусот?
Луѓето во Македонија, мора да ја разберат ситуацијата сериозно. Паника не треба, но сериозноста е повеќе од важна. Да следат проверени и официјални информации, да се придржуваат строго до мерките на Владата, да останат дома овие први две недели кога е најкритичниот период. Колку посериозно се разбере целата работа, толку побргу ќе се надмине ситуацијата. Се докажа дека самоизолацијата дава резултати. Да се избегнува непотребно излегување. Ќе се преживее и без проштека и без седење некаде на кафе. Вирусот не е обичен грип, нагласувам. Тој е поопасен од грип, има смртни случаи и кај млади, не само кај стари лица. Овде болниците немаа доволно капацитет да ги примат сите пациенти, за во Македонија нема да коментирам.
Да се има одговорност кон останатите во заедницата. Луѓе, останете дома, толку ќе кажам!
На кои животни лекции Ве научи овој живот во изолација Вас лично?
– Да не ги земаме работите здраво за готово.
– Прошетката стана луксуз.
– Одговорност кон заедницата.
– Сами не можеме да направиме ништо.
– Овој проблем се решава колективно.
Заклучок
Светската здравствена организација ја прогласи епидемијата на коронавирус, која се прошири во најмалку 114 земји, за пандемија, а Италија ги заостри мерките за карантин, додека пак САД воведоа забрана за летови од и кон Европа. Повеќе од 126.000 се заразени на глобално ниво, според СЗО. Од нив, над 68.000 оздравеле, според универзитетот Џон Хопкинс, кој го следи вирусот.