Маја Таневска од Милано: Нашата несовесност убива секојдневно!

- Advertisement -

Будење на нацијата во време на Корона : Случај Италија

Последниве недели се зборува само за едно – за вирусот  Covid-19 познат како Корона, кој сериозно го здрма човештвото и не потсети дека не сме толку моќни. Сепак, во овие екстремни ситуации се будат старите форми на човековото организирање, а добро познатите идеи добиваат и нови форми. Така Италија која деновиве ги живее најтешките денови од поновата историја,  доживува национално обединување во борбата против оваа болест, нешто сосем поразлично од државното обединување во далечната 1861 година. 

- Advertisement -

Наместо на барикадите, Италијаните се обединија во песна. 

Маја Таневска е битолчанка која живее во Милано веќе 17 години. По професија е архитектка и работи на својата струка, во за многумина, една од најпосакуваните професионални дестинации во кариерата.

- Advertisement -

Разговараше: Љубица Ангелкова

Што е сега за тебе Маја, првата асоцијација на градот во кој живееш? Каков е денес Милано?

- Advertisement -

Со еден збор, непрепознатлив. 

Имајќи предвид дека ова е националниот, културниот, економскиот, научно-образовниот центар на Италија, еден од светските центри на спортот, дизајнот, модата, туризмот, уметноста, град со голем број на глобално важни збиднувања и со ноќен живот од најразличен тип, Милано е центар на една од четирите највисоко индустријализирани региони во Европа, со препознатливо висока доза на конзумеризам, оваа промена е непрепознатлива. Секојдневието овде никогаш не било тивко, празно, монотоно. Италијанскиот народ знаеме е медитерански народ со огромна волја за живот, за уживање во животот и социјализација, народ кој многу гласно зборува. Можеби отсутвото на таа човечка компонента и ‘’гестикулативниот темперамент’’ на луѓето е она што го опишува градот во овој меланхоличен момент. Се чувствува физичката оддалеченост меѓу луѓето и стравот физички да се приближат еден кон друг.

По професија сте архитект – дизајнер на ентериери. Како функционирате професионално со оглед на околностите?

За среќа, скоро исто како и претходно. Конкретно во нашата професија главната алатка за работа се различен тип на софтвери, така што за работен амбиент е доволен компјутер и добра интернет конекција. Комуникацијата со колегите, клиентите и консултантите се одвива преку различни апликации за професионални конференцски состаноци, што и претходно го практикувавме бидејќи голем број од проектите се интернационални.

Во проектантското студио во коешто работам односот кон работата е високо професионална со оглед на тоа што е една од попознатите светски фирми во областа на дизајнот и архитектурата. Во рок од 2 дена по препораките на италијанското Министерство за здравство за преминување на ‘’smart working mode’’ни беше овозможен пристап до серверот и мрежата на сите 110 вработени лица, што морам да признам дека е за секоја пофалба. Секој е виртуелно ‘’присутен’’ и оперативен на своето работно место, од дома. Од голема предност е тоа што користиме BIM софтвер за проектирање со којшто значително се намалува потребата на размена на податоци меѓу нас, така што промените врз проектот синхронизирано се видливи за секој член од тимот во секое време. Приватно, ги користиме сите нормални канали на комуникација како skype, whatsapp, slack, instagram, viber…интернетот е есенцијален.

Секако, намален е интензитетот и ‘’френетичноста’’ во работното секојдневие во домашната атмосфера и ефективноста на секој индивидуално, што сепак покажува дека човечката потреба за интеракција, размена на идеи и социјализација е најдобрата мотивација.  

Мои пријатели од други професионали области работат на истиот начин, преку ‘’smart working’’ софтвер; во образованието веќе се практикува настава преку online платформи и изгледа дека на најмладите тоа им е многу возбудливо. Jавните служби од типот на банки, пошта и сл. работат со редуциран персонал или прием преку закажување, а многу од нив и користат дигитален начин на работа. Целиот систем на фукционирање се адапира на новата ситуација.

Дигитални ‘’алатки’’ за работа на располагање сигурно имаме во доста области, важно е да се има повеќе волја, а помалку изговори за неработење.

Што е она што најмногу Ви недостига во работниот дел од денот? А го имавте на работното место.

Ми недостига физичката промена на просторот за работа и просторот за релаксација. Се навикнавме да работиме во open-space кој знае да биде и не така пријатен за работа понекогаш, но споделувањето на секојдневието со колегите околу тебе е уживање и знае да биде многу забавен и во најстресните моменти, особено кога се работи за менталитет како Италијаните, кои знаат да бидат забавнисо доза на интелигентен сарказам, секогаш. Кaнцеларијата ни е во убава и модерна зграда во центарот на градот, со голем материјал на располагање и одлична атмосфера за работа и дружење.

Секој од нас си има некои свои мали ритуали низ работниот ден. Ми недостигаат сите социјални моменти од денот како утринското брзо макијато во барот спроти канцеларијата кадешто наутро се сретнуваме сите, типичната 10 минутна италијанска кафе-пауза ‘’од нога’’ во 11 и  уште една во 17 часот, заедничкото креативно работење каде учиме еден од друг и секако ‘’l’aperitivo’’ со spritz или коктел после работа каде ни завршува денот, пак сите заедно. Мислам дека припадноста кон некоја група, професионално и приватно, е доловена во тој социјален момент од нашето нормално секојдневние. Тоа навистина многу ми недостига.

Што е она што оваа промена го цените како предност? Како добра промена во вашите животи?

Мислам дека оваа ситуација ги става меѓучовечките односи на тест пред сè. Хуманоста и вниманието што си го посветуваме во овие моменти на самозолација се многу важни за ова досадно секојдневие да ни биде полесно и забавно, а сепак да се придржуваме на сите рестрикции и правила за движење кои бараат голема одговорност кон заедницата во која живееме. Потрпеливи сме еден кон друг, колективната свест е на повисоко ниво, имаме волја да си помогнеме, да се заштитиме едни со други. Брзо ги менуваме навиките, споделувајќи си едни со други нови „штосови’’ на функционирање. Учиме да се адаптираме.

Најдовме нови начини како да го поминуваме времето дома сами, истовремено споделувајќи го со останатите: социјалните мрежи се преполни со видеа од најбанални домашни активности од типот на ‘’пролетна генералка’’,  ‘’decluttering’’ на гардероберот, како денес направив торта, паста на мој начин…сите не толку ‘’позерски’’ активности што до вчера ги криевме како неинтересни, сега се нов начин да си дадеме поддршка и да бидеме заедно дури и по пижами, откривајќи ја нашата хумана страна и ранливост без разлика на животниот стил зад кој се криевме вчера. Се надевам дека после сето ова сеуште ќе се сеќаваме кои се приоритетните задоволства во животот.

Италијанците не доживеале ваква неволја од крајот на Втората светска војна, а оттогаш поминаа 75 години. Светот се промени. Дигиталната ера ни донесе нов идентитет, а тоа е индивидуализмот. А сега тој индивидуализам е на тест – дали нашите лични, да не речам себични потреби можат да бидат задоволени или тоа што не сме дисциплинирани, буквално прети да убие некого?

Нашата несовесност убива секојдневно како што гледаме секоја вечер на вести, барем овде. Во момент кога Италија го надминува бројот на жртви дури и во Кина, кога километарска редица од воени возила ги носи телата на починатите на масовно кремирање во Бергамо и каде секои 15 минути умира по едно лице (едно од големите жаришта на епидемијата), по улица можеме да видиме најразлични реакции кај лугето. Од тие што се нетрпеливи да чекаат во редица пред супермаркет бидејќи има многу гужва, тие што го игнорираа постоењето на опасноста да се биде заразен момент и инсистираа да се работи до последен момент за економскиот шок од епидемијата да се амортизира, до тие што се’ уште тврдат дека ова е сепак вирус сличен на грип…реакцијата кај  поединците сепак доаѓа од некоја општествена позадина, лична култура, степен на  образованост и колективна информираност, иако е инстиктивна како и борбата за опстанок.

Во земја од 60 милиони жители, со голема густина на населеност, висок туризам и медитерански карактеристики на социјализација, за жал, единствената ефикасна мерка беа високите казни за недолично однесување, како замена за она во Кина, каде што постои политички режим на управување, којшто не е типичен за европските држави. Во Италија,  за позитивните случаи на корона вирусот кои свесно го загрозуваат здравјето на останатите и не ги почитиваат мерките за социјално дистанцирање следи затворска казна еднаква на таа како за убиство со намера.

Ова е слика на падот на човечкиот морал и етика во модерното општество, во секоја земја манифестиран на различен начин: дали тоа се политичките лидери кои како што гледаме во некои земји сеуште не ги преземаат потребните итни мерки (иако можат да научат од негативниот пример на закаснета реакција на Италија) или се поединците, мислам дека нема голема разлика.

Сите водат кон истата катастрофална грешка!

Ситуацијата во Италија е само повод за оваа анализа на случаи која може да се примени на голем број земји, вклучително и Македонија. Италија сега ја плаќа најскапата цена на капучино со поглед на Дуомо, бидејќи не веруваа дека вирусот може да дојде до нив. Деновиве е исто во Македонија. Која е твојата порака?

Епидемијата не стекнува сите неспремни и помалку несвесни дека глобално сме сите тесно поврзани. Многу од нас никогаш не доживеале епидемија, а камоли пандемија и тешко им е да веруваат дека ситуацијата е сериозна, дека сите возрасти се изложени на ризик, иако статистички кај постарите лица е највисока смртноста. Сите сме дел од некоја заедница, време е да се однесуваме и така, одговорно.

Италија ја имаше несреќата прва да се соочи со епидемијата во Европа, а останатите можат да само да избегнат да ја повторат истата грешка: подобро е навреме да се спречи ако треба и со ригорозни мерки, отколку да се лечи. Навреме преземените мерки, препорачаната лична хигиена и колективна дисциплина засега се единственото оружје што го имаме на располагање, а и најбрзиот начин да го поминеме ова социјално дистанцирање кое на никој не му е по ќеф, искрено. Сакаме што побрзо да заврши.

Од голема корист за освестување на италијанската нација беше споделувањето на застрашувачките изјави и апел до граѓаните од страна на медицинскиот персонал кој директно се справува со епидемијата.Сè додека не излегоа по социјалните мрежи фрапантните изјави, фотографии и видеа од реалната ситуација во болничките оддели луѓето не беа убедени дека епидемијата е толку опасна. Можеби на почеток тие информации се сокриваа за да се избегне општата паника, но факт е дека реалните вести и стравот ја зголеми претпазливоста кај граѓаните.

Наместо фирмираните парчиња облека, Италијаните сега се во пижами, некои тагуваат што не работат фризерите. Има нешто симпатично во таа “La vita e bella” филозофија на живот, но и меланхоличност?

Да, секако дека изолацијата ни скратува многу од секојдневните задоволства на сите. Ова е темпераментен народ кој ужива во големо гласно друштво, во храната и сите хедонистички навики, да споделува со другите пред сè .

Искрено, носталгијата за старите навики и La vita e bella повеќе се доживува заради самотијата и изолацијата, отколку за некои естетски услуги на кои сме навикнале.

Сега сето тоа се истура по социјалните мрежи каде кој како знае и умее пробува да социјализира на поинтеркативен и директен начин. Медитеранските народи знаеме се многу емотиции да функционираме и не уживаме воопшто во самотија. Sharing is caring.

Секој ден од 18 часот се свири италијанската химна, а потоа се слушаат други песни од различни прозорци и тераси, а сетоа тоа во присуство на италијанското знаме. Која улога ја имаат националните симболи за време на епидемија? 

Во случајов, се работи за нација која и без корона вирусот за себе има многу високо мислење (хахахаа). Италијаните ја сакаат својата земја заради гастрономијата, културно-уметничкото наследство, природните богатства со кои навистина изобилува…кога ќе ја додадеш и големата емотивност и медитеранскиот темперамент, не беше тешко да се замисли дека оваа потреба од заедничко поврзување во тежок момент некаде ќе се манифестира. Сепак се работи за многу екстровертен народ кој има потреба да комуницира.

На националните телевизии додатно се промовира солидарноста, купувањето на домашните производи и меѓусебната поддршка, селекцијата на програмата се адаптира на новите потреби од типот на корисни информации за граѓаните во моментов. Емисиите во живо сé уште се емитуваат, но на поинаков начин: гостите не доаѓаат во студио, туку практикуваат да се вклучуваат во емисија директно од нивните домови.

Голем број од италијанските познати личности наоѓаат начин како да помогнат во подигањето на националниот дух и потсетувањето на она за што Италија е ценета во светот: кулинарските шефови како Карло Крако и Масимо Ботура организираат skills sharing  со бесплатни часови по готвење на инстаграм или youtube од своите домови; музичари од типот на Андреа Бочели и Џованоти одржуваат секојдневни концерти во тие моменти на flash mob, а и многу професинални анонимни музичари го следеа истиот пример.. Алекс Брити дава часови по гитара преку инстаграм заедно со малиот син, dj-ите ги емитуваат своите dj-сетови за време на аперитивот од нивната дневна или тераса…секој наоѓа начин да помогне на свој начин.

Кај Италијаните од она што го гледаме по социјалните медиуми, ги гледаме емоциите на заедницата која се заврте кон себеси и се соочи со грубата реалност. Ако во 19 век луѓето кои го поттикнува националниот дух беа интелектуалци, денес тоа се инфлуенсерите. Идеален пример е позната Кјара Ферањи и нејзиниот сопруг Федез кој е музичар и кои досега собраа преку 4 милиони евра во борбата против епидемијата. Тие даваат пример на општеството со тоа што седат во своите домови и ги користат социјалните медиуми, особено Инстагарм за пораки до светот. Свесни ли се Италијаните во вашето опкружување дека дисциплината затаи?

Недисциплираното однесување овде доби голема негативна реакција, како на официјалните медиуми така и на социјалните мрежи. Помладите се покажаа како совесни граѓани кои реагираа на недоличното однесување на своите врсници пуштајќи апел и барање до градоначалникот Бепе Сала да се затворат сите непримарни дејности, да има обезбедување во транспортот за да се избегне гужва, да се забрани групно собирање во парковите со построга контрола. Имаше цела една иницијатива наречена #IORESTOACASA  или ЈАС ОСТАНУВАМ ДОМА со која се повикуваа сите да останат дома и да ја подржат кампањата. Инфлуенсерите од типот на Кјара & Федез, а и многу други локално познати блогери, инструктори по јога и јавни личности позитивно и одговорно го насочија нивното влијание врз фановите накај подигање на колективната хуманост. Секој избра конкретна болница во чија корист ќе се собираат средствата и на транспарентен начин учествуваа во донирањето. Компаниите објавија фотографии дека се работи на ’’smart working mode’’ со цел што пошироко да се прифати новиот начин на работа и да се створи ново чувство на припадност во вонредна состојба.

Модните компании како Монклер и Џорџо Армани исто така се вклучија во донациите за градот со значајни суми од преку 10 милиони евра.

Повторно се враќаме на почеток. Припадноста кон една заедница носи и одговоност кон неа. Со тоа што подолго живеете таму, вие сте дел од таа заедница. Без разлика кој од каде доаѓа, Италијаните успеа да му дадат повисока смисла на седењето дома денес, како одбрана на нацијата. Како си помагате меѓусебно?

Наместо да се гледаме по барови или на вечера по ресторани, сега се дружиме на skype.

Нашата комуникација и поддршка се одвива преку телефон, сега сите наоѓаме време за долги разговори…имавме колеги кои славеа роденден во ‘’виртуелно друштво’’. Луѓето на улица почесто ве поздравуваат бидејќи најверојатно не прозбореле со никој последниве 10 дена. Или си позајмуваме средства за дезинфекција и маски и со непознати кои ќе ги сретнете во воз.

Од многу пароли кои ги читавме на социјалните медиуми, една ми остана во сеќавање: “Твоите предци беа повикани во војна, а ти си повикан да седиш во фотеља. Ти тоа го можеш!”

Која порака тебе ти остави посебен впечаток?

Има навистина многу..во контекст на подигнување на свеста за ситуацијата сепак оваа поезија:

‘’Кога сето ова лудило ќе заврши,

да се потсетиме дека никогаш  повеќе

не треба да го земаме здраво за готово:

– Ракувањето со странец,

– Полните полици во супермаркет

– Муабетот со комшиите

– Петочното излегување

– Рутинска медицинска проверка

– Брзањето за во школо секое утро

– Причестувањето

– Кафето со пријател

– Навивањето на стадион

– Секој длабок здив

– Досадниот четврток..

Кога сето ова ќе заврши,

да знаеме дека сме станале

она што сме сакале секогаш да бидеме за себе,

она што другите посакувале да бидеме за нив,

она што сме се надевале дека ќе бидеме и

што се надеваме дека ќе останеме да бидеме:

во најлошото, подобри едни за други.

Лора Кели Фанучи <3

Кои нови нешта како навика ви започнаа во домот, со почетокот на карантинот?

Почнав повеќе да готвам дома. Од утре можда ќе се приклучам на некој час по јога online, ни недостига физичката активност.

Кои нешта би сакала како навика да ги задржите и после оваа состојба?

Да готвам, се надевам…да имаме повеќе време едни за други.

Која музика ти би ја пуштила од својот балкон?

Македонско девојче, дефинитивно.

Сподели!
- Advertisement -