Иако ни изгледа сосема логично луѓето кои се во карантин и самоизолација да знаат каква опасност се за другите околу нив, праксата во Македонија и во светот покажа дека таквите обврски не се почитуваат. Кај нас се преземени некои мерки, но и понатаму е тешко да се држат дома изолирани во четири ѕида. Се поставува прашањето како да се контролираат така неодговорните личности, а еден од најмалку популарните, но најефикасни одговори е со кршење на нивната приватност.
На пример, во Тајван власта и полицијата ќе се погрижи за тие што мора да бидат изолирани да останат дома со комбинација од следење на нивните телефони и високи парични казни. Власта ги следи сигналите од мобилните телефони на луѓето кои мора да бидат во изолација и карантин, па веднаш може да види ако го напуштат просторот каде што треба да бидат наредните две недели.
Постои решение и за тие кои одлучат да го исклучат телефонот и да излезат надвор. Полицијата луѓето во карантин ги контактира и телефонски, па ако не се јават, некој набрзо ќе им тропне на врата. Дека не е препорачливо да се кршат правилата на карантинот покажуваат и максималните парични казни од дури 32.000 долари.
Овој метод е прилично контроверзен, но се покажа ефикасен, иако луѓето кои се во карантин не го делат тоа мислење.