Дел од банките понудија одложување на кредитите до шест месеци

- Advertisement -

По донесувањето на Уредбата за олеснување на договорните услови на кредитите, донесена со цел надминување и ублажување на негативните ефекти од кризната ситуација, сите банки подготвуваат услови што ќе им понудат на своите клиенти, дел од нив веќе ги објавија, а дел чекаат да се објави уредбата во Службен весник, а потоа да ги објават деталите.

Од НЛБ банка понудата е одложување на отплатата на кредитите на физичките лица до шест месеци, заклучно со 30 септември 2020 година. На клиeнтите им се нуди и опцијата рефинансирање на постојните кредити, одобрување нови кредити со можност за користење грејс-период или редовна отплата на постојните кредити по избор на клиентот.

- Advertisement -

За правните лица имаат неколку опции, кои во зависност од природата на потребата ќе бидат усогласени со секое правно лице поединечно. Одложување на отплатата на кредитот од три до шест месеци заклучно со 30.9.2020, можност за рефинансирање, како и понуда на нови кредити за ликвидност. Кај клиентите од индустриите што се затворени или се директно најпогодени од кризата, како и кај микро и малите претпријатија, во најголем број ќе се примени мерката за одложување на отплатата на кредитите.

Шест месеци одложување на наплатата на ненаплатени кредитни обврски за кредитните производи на физичките лица нуди и Халкбанк. Одлуката на оваа банка е оваа можност да им ја понуди на сите физички лица, клиенти на банката, кои по која било основа немаат ненаплатени кредитни обврски подолго од 90 дена на 29 февруари 2020 година. Одлагањето се однесува на отплата на кредитните обврски за кредити, кредитни картички и дозволени пречекорувања на трансакциска сметка за период од шест месеци и продолжување на рокот на крајното достасување на обврските за дополнителни шест месеци.

- Advertisement -

Ваквото одложување може да го користат сите што немаат нефункционални кредити, заклучно со 29 февруари 2020 година, а редовната камата што ќе биде пресметана за одложениот период ќе биде достасана на крајот на грејс-периодот и ќе биде договорно регулирана.

Сите што не ја прифаќаат понудата за одложување треба да ја информираат банката за тоа, доколку не комуницираат со банката и не се изјаснат негативно на оваа понуда, таа ќе се смета за прифатена.

- Advertisement -

Мерката за одложување важи до 30 септември 2020 година.

Сподели!
- Advertisement -