Соња Манчевска и Владимир Ѓорѓиоски пред четири години одлучиле градскиот живот да го заменат со природата на националниот парк „Маврово“. Имале среќа и двајцата да потекнуваат оттаму и од мали нозе да се запознаат со сите негови убавини и тоа им ја олеснила одлуката, во 2016 година целосно да ги напуштат дотогашните кариери и да се посветат на изградба на својот дом. Денес, Царевец е дом и на нивните гости, кои уживаат во прородата на Маврово и чистата органска храна која им ја подготвуваат домаќините. Со Соња и Владимир за Иновативност ја раскажуваме приказната за Царевец, за нивните соништа и планови за иднината.
Соња и Владимир, кажете ни нешто повеќе за вашата планинска куќа Царевец!
Националниот парк „Маврово“, западниот дел од Македонија е местото од каде потекнуваат нашите родители, баби и дедовци. Овде сме го поминале нашето детство, голем дел од убавите сеќавања се поврзани со овие предели и љубовта е врзана длабоко во нас. Отсекогаш сме го знаеле потенцијалот и можностите кои ги нуди Маврово и регионот, кои полека, но сигурно, стануваат атрактивна дестинација за одмор за домашните и особено за странските туристи. Ова е предел со богато културно-историско наследство и разновиден биодиверзитет. Едно е од местата кои се наоѓаат на туристичката мапа за Македонија што нам многу ни оди во прилог за нашата приказна да биде успешна.
Кога сфативме дека нема потреба да бараме егзистенција надвор од нашите краишта, собравме храброст да дојдеме тука, да го оплемениме парчето земја што го имавме и полека да почнеме со градење на нашиот сон и реализација на нашите идеи.
Во мај 2016 година ги ‘удривме’ темелите и започнавме со изградба на нашиот дом. Идејата беше да имаме простор во кој ќе можеме да живееме и посебен дел кој ќе може да се користи за сместување на гости. Веќе до крајот на годината беше готов нашиот дом, за кој со гордост кажуваме дека најголемиот дел сами го градевме. Кон крајот на 2017 година завршивме со тоа што ни беше првично замислено и конечно го приспособивме домот за работа, а во декември истата година почнавме активно да примаме резервации.
Што работевте претходно, имавте ли искуство во туризмот и пречекувањето на гости?
Ние сме рекреативци и активно уживаме во различни активности во природа и имавме потреба тоа искуство да го споделиме и со други. Така дојдовме до нашата визија за дом во планина каде би ги привлекувале и поттикнувале луѓето да го поминуваат слободното време надвор од динамиката на градот и активно да уживаат во природниот простор со што би го зајакнале своето психофизичко здравје.
Двајцата имаме долгогодишно искуство со работа во угостителство и туризам. Сме работеле по кафе барови, клубови, хостели, хотели, а пред да дојдеме тука две години живеевме и работевме на Малтешките острови. Сето знаење стекнато преку различни работни искуства нѐ има зајакнато во идејата да имаме нешто свое, свој продукт од кој ќе можеме да егзистираме.
Што им нудите на гостите, во куќата, но и како надворешни активности?
Нудиме сместување, имаме капацитет од 15 легла, меѓутоа сме имале и групи до 20 луѓе, колку што е и максималната бројка на дозволата за сместување со која располагаме. Покрај сместувањето, на барање на нашите гости подготвуваме и домашна, традиционална храна, бидејќи е навистина важен сегмент во севкупното доживување на регионот.
Организираме еднодневни и повеќедневни планинарски тури во лето и во зима. Во моментов Соња е единствениот сертифициран женски водич во регионот, а во блиска иднина и со интернационална лиценца за планински водич. И двајцата активно сме насочени кон надоградба и проширување на нашето знаење, па така посетуваме работилници, курсеви и обуки за развој на алтернативниот и рурален туризам, водење во планина, спасување и пружање на прва помош, како со сигурност би можеле да ги изведуваме овие тури. Владимир, пак, е лиценциран ски инструктор и во зимскиот период тоа е претежно негова окупација. Исто така имаме одлична соработка со коњичкиот клуб „Бистра“ од Галичник, со што сметаме дека е значаен момент за селско соседскиот соживот, но и за збогатување на самата понуда.
Релативно сме нови во оваа дејност, но секоја година гледаме какви потреби имаат нашите гости и се трудиме секоја наредна сезона да ги задоволиме нивните барања. Минатото лето почнавме со изградба на летна кујна, со концепт на ‘скара – бар’, каде и гостите можат да земат активно учество во приготвувањето на храната, па ќе гледаме во тој стил да го завршиме. Би сакале да направиме и подобри услови за гостите кои доаѓаат со коњи, да има каде да ги врзат, нахранат и напојат. Исто и за оние кои доаѓаат со велосипеди, а ги има во се поголем број, сакаме да им овозможиме безбедно место за чување, одржување и само-сервисирање. Сите овие работи бараат дополнителни финансиски средства со кои ние во моментов не располагаме, но се надеваме дека од година во година ќе имаме можност да ги реализираме нашите проекти.
Досега сме имале гости од сите континенти, но најчести се од Западна и Северна Европа
Дали имате повеќе домашни или странски туристи, се разликуваат ли нивните импресии, желби…?
Зависи од периодот, во зима се најчесто домашните, во сите други периоди повеќе не посетуваат странски гости. Досега сме имале гости од сите континенти, но најчести се од Западна и Северна Европа. Во досегашното наше искуство имаме само задоволни посетители, за среќа сме немале некои несакани искуства. Голем дел од странците доаѓаат подготвени со информации за регионот, па нам ни претставува особено интересен предизвик да им дадеме локално знаење за кое не можат да прочитаат на интернет или пак во туристичките водичи. Тоа е тоа што ја прави Македонија посебно прекрасна.
Сите наши гости што не посетиле до сега имале една заедничка желба, сериозно да се разбере проблемот со ѓубрето, да се подигне еколошката свест и да се трудиме да ја зачуваме чиста природата во Националниот парк „Маврово“.
Вообичаено овој тип на туризам е нераскинливо поврзан и со традиционалните јадења, со кои нашата кујна е многу богата. Што им подготвувате на гостите?
Во нашето мени се опфатени голем дел локалните специјалитети по кои се познати овие краишта: овчо сирење кое нашето бело злато, разни пити, бакардан, проја, разни тави со месо и зеленчук, чорби со диви печурки, слатко и сокови од шумски плодови… Се трудиме сите производи да бидат локални од нашата околина. Интересно доживување, но и изненадување за гостите, се пикниците кои им ги организираме во текот на турите, бидејќи веруваме во тоа дека храната е многу повкусна кога се конзумира во природно опкружување.
Која е вашата визија за иднината на планинската куќа Царевец?
Сакаме уште повеќе понатаму да го развиеме и прошириме нашиот сместувачки капацитет и да имаме можност да му понудиме на локалното население да биде вклучено во нашето работење. За нас е навистина поразително тоа што голем дел од населението се иселува од овој регион, особено младата популација.