Можно е новиот корона вирус да се шири и преку обично дишење и преку зборување, предупреди првиот човек на американскиот Националниот здравствен институт Ентони Фауци, кој е водечки американски експерт во борбата со корона вирусот. Токму затоа американската влада се подготвува да им препорача на сите луѓе да носат заштитни маски.
Фауци најави дека ќе се сменат упатствата за носење маски поради некои нови информации дека вирусот може да се шири дури и додека зборуваат луѓето, а не само преку кашлање и кивање. Засега владата советува маски да носат само болните и оние кои ги негуваат.
Американската Национална академија на науки на 1 април испрати писмо до Белата куќа со информации за последните истражувања на корона вирусот. Во писмото се наведува дека иако заклучоците од истражувањето уште не се потврдени, резултатите од досегашните студии укажуваат на ширење на вирусот со нормално дишење.
Досега американските здравствени служби велеа дека примарниот пат на ширење на вирусот е преку респираторни капки со големина од околу 1 мм кои болните луѓе ги распрснуваат преку кивање или кашлање. Тие капки брзо паѓаат на површини на оддалеченост до еден метар.
Но, ако вирусот може да се исфрли и преку фината магла која ја испуштаме кога издишуваме, со други зборови во аеросолите, односно капките со дијаметар помал од 1 микрометар, многу потешко ќе се спречи ширењето. Тоа е само аргумент дека сите мора да го покриваат лицето.
Неодамнешната студија која ја спроведе академијата на науки утврдила дека вирусот САРС КОВ-2 може да стане аеросол и да остане во воздухот до три часа. Тоа покрена расправа во која критичарите тврдеа дека овие наоди се претерани затоа што истражувачите во студијата користеле медицински распрскувач за намерно да создадат вирусна магла која инаку не може да се создаде по природен пат со дишењето.
Во писмото испратено до Белата куќа се наведува и дека студијата на универзитети од Небраска покажала дека генетскиот код на вирусот САРС КОВ-2 бил најден на тешко достапни простори во изолациските соби на пациентите.
Научниците од академијата укажуваат и на други две студии од Хонгконг и од Кина кои уште не се рецензирани. Имено, истражувачите од Хонконг собрале примероци од пациенти заболени од корона вирусот и други респираторни болести и на некои од пациентите им дале маски. Маските го намалиле бројот на детектирани капки и аеросоли кај пациентите заболени од корона вирусот.
Истражувањето од Кина, пак, предизика загриженост дека заштитната опрема на здравствените работници и сама може да биде извор на вируси во воздухот. Кинеските експерти проучувале болници во Вухан и утврдиле дека постојат две главни подрачја каде што го има вирусот во аеросоли – тоалетите и бањите на пациентите и собите каде што медицинскиот персонал ја оставал својата заштитна опрема. Тоа можеби е така затоа што при соблекувањето на заштитната опрема честичките повторно се нашле во воздухот. Иако тие честички не се вдишуваат, може да завршат на рацете и на телата на луѓето.
Досега Светската здравствена организација беше внимателна со своите тврдења дека вирусот можеби се шири и преку воздухот. Во анализата објавена на 29 март се вели дека е познато дека пренесувањето на аеросоли се случува само при посебни медицински постапки во кои била потребна помош при дишењето.
Фото – www.rawpixel.com