Угостителите од сите градови во земјата кои по стапувањето на сила на уредбата на државата и мерките за заштита од вирусната инфекција не работат, на заедничка прес конференција во рамки на Туристичко- угостителската комора на Македонија, ја соопштија колективната одлука, на повеќе од 1000 угостителски субјекти од целата земја.
Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство, ја пренесе пораката до Владата дека угостителскиот сектор нема да ги користи најавените мерки и дека средствата можат да ги насочат дирекно кон сите кои остануваат без работа или во сектори каде мислат дека ќе се постигне ефект.
„За жал, досега добивме несоодветни, нејасни и нецелосни мерки и уредби, кои и покрај апелите не беше разбрано дека малите субјекти немаат капацитети да ги спроведат, а воедно ниту се доволни. Ова ни дава до знаење дека се игра со времето, кое моментално работи против нас, а ние како дејност немаме никакво чувство на сигурност. Затоа сме овде присутни од секторот угостителство од сите градови да дадеме до знаење дека веќе сме свесни за тоа дека моментално подобри мерки нема да добиеме. По долго исчекување и детална анализа на сите најавени мерки, а во правец на зачувување на дејноста, како субјекти од дејноста угостителство, преземаме чекори за намалување на загубите и трошоците кои секојдневно се генерираат. Еден од тие чекори е и во состојба кога институциите не ни помогнаа да се грижиме за лицата вработени во овој сектор, сега ќе и дозволиме директно за нив да им покаже грижа државата. На овој начин институциите можат директно да им помогнат без притоа дополнително да не задолжуваат со кредити за придонеси и другите натрупани трошоци“, изјави Ангеловски.
Угостителите сметаат дека од исклучителна важност е јавноста да знае дека сите мерки кои се моментално донесени и предложени, само ќе им ги зголемат долговите после кризата, за која не се знае кога ќе заврши.
„Се што ни е понудено во овој момент е во вид на заем од Владата и тоа недоволен само за нето плата, ова никој од нас нема да може никој да го издржи. Наместо тоа, очекувавме дирекна, безусловна и правична помош од страна на институциите, но не ја добивме. Дополнително мерките, не ги опфаќаат сите погодени во угостителството и не е земено предвид дека ние не сме погоден сектор, туку со одлука затворен сектор. Се очекува од нас, како што слушаме секојдневно, да понесеме дел од товарот на кризата. Како да го направиме тоа кога сме затворени први, а ќе профункционираме последни, се работи за мали фирми кои немаат резерви. Исто така, месец март и покрај нашето барање е изоставен од мерките кој од почетокот на месецот март беше со намален обем а од првата половина целосно затворен. Спротивно на законот, јавното повикување од страна на првите лица во Владата, до вработените да не потпишуваат спогодби, ги доведува во заблуда вработените дека некој не сака, а не дека не е во можност да го понесе товарот, во состојба на неизвесна егзистенција за сите“, изјави Ангеловски и додаде дека ваков пристап со кој се претставуваат овие мерки е комплетно неоправдан, затоа што го фрла секторот на маргините и покрај тоа што вработува над 29.000 лица и се бори за задржување на секое работни место.
На минатата прес конференција Групацијата на угостители ги презентираше конкретните мерки за ублажување на последиците од пандемијата и ја искажаа итноста со која треба да се делува, за да можат во овие услови да ги задржат вработените и заедно да го пребродат овој тежок период.