За владата е прифатлив предлогот на Стопанската Комора во буџетот да влегуваат по два денари плус од литар наточено гориво, но не и за превозниците.
„Предлогот е на маса. Веќе подготвуваме предлог уредба. Согласно пресметките и фискалните импликации предлогот е да се зголеми акцизата за 2 денари. Работиме заедно со Царинската управа конкретно на предлогот и ќе излеземе со информација. Но сметам дека ќе го прифатиме предлогот на Стопанската комора“, изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска.
За Асоцијацијата на камионски превозници Макам-транс ова барање е неприфатливо, несолидарно и нерационално.
„Со секоја почит за предлогот на мерки кои се рационални и се однесуваат на сите, но со оваа мерка се надминуваат сите граници на рационалност и солидарност, олигарсите пак сакаат теретот да се префрли на плеќите на сите превозници, но и на сите граѓани на кои драстично се, и ќе бидат намалени примањата од нето платата. Предлагаат мерка која нема заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат, а тоа може да е иницијална каписла за појава на инфлација која ќе нанесе штета на сите микро, мали, средни трговски друштва и земјоделците“, велат од здружението на транспортери.
Стопанската комора на Македонија, од каде дојде идејата, смета дека со зголемување на акцизата ќе се решат дел од проблемите во економијата на Македонија. Пресметките на комората се дека доколку се случи тоа, на месечно ниво во државната каса би се собирале средства по овој основ за 4 милиони евра повеќе од порано. А на годишно ниво таа бројка би надминала и 46 милиони евра.