Болниците ќе се дезинфицираат со „УВ Гард“ уредот создаден од македонски иноватори Ивица и Никола

- Advertisement -

Уред со УВ зраци, изум на македонските иноватори Ивица Поцков и Никола Глигоров, ќе врши дезинфекција од вируси и бактерии на болниците во кои се сместени пациенти заразени со Ковид 19. Во момент кога светот се справува со една од најголемите закани, пандемијата на коронавирусот, болниците и нивните вработени, се на првите борбени линии. Да им се помогне токму нив, да се подобрат условите во кои работат здравствените работници и да се зголеми безбедноста, било мотивот за Поцков и Глигоров, да го создадат „UV Guard“.

Со Поцков и Глигоров за Иновативност разговараше Сања Наумовска

- Advertisement -

Долги години иноваторството им е хоби, па речиси веднаш се нашле на иста бранова должина кога ја осмислувале идејата. „УВ Гард“ го склопиле за неколку дена и првиот уред го подарија на општината Свети Николе, од каде што потекнуваат. Деновиве активно работат и на уште неколку. Вториот апарат, ќе има трипати поголема моќност и по Велигденските празници ќе биде подарен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

„’УВ Гард’ е уред кој може да дезинфицира и површини и воздух, 360 степени наоколу. Работи на принцип на зрачење кратка UV-C  бранова должина од 254 нанометри и ги убива микроорганизмите кои доаѓаат во контакт со светлината, при што им ги уништува нуклеинските киселини и ја нарушува нивната ДНК, оставајќи ги без можност да ја вршат својата функција. Дезинфекција со помош на УВ светлина не е новина во светот. Постојат ваков тип на уреди, но во сегашната состојба не можат да се набават никаде на светскиот пазар“, вели Ивица Поцко за Иновативност.

- Advertisement -

Тој и Глигоров самите ги обезбедиле деловите за првиот „УВ Гард“ и велат дека ќе ги финансираат и останатите модели со различна моќност наменети за поголеми простории, кои во следниот период ќе ги работат. Веќе имаат и волонтери кои ќе помагаат, а нема да застанат сè додека не ги опремат сите здравствени институции, особено инфективните одделенија, кои се потенцијални жаришта на коронавирусот.

„Поради кризата, на нашиот пазар не се достапни гербицидни електрични компоненти за превенција и затоа некои елементи моравме сами да ги увеземе. Поголем дел од елементите претходно ги имавме од други проекти на кои работиме, но сега апелираме до компаниите кои работат со електроника, доколку се во можност да дадат мал придонес со компоненти кои ни се потребни за да изработиме повеќе уреди за пократко време. Oтворени сме и за сите кои имаат потенцијал да се вклучат со цел да изработиме повеќе уреди. Тие не се за продажба и ќе бидат исклучиво донации. Moже да ме контактираат на 078 445 566“, вели Поцков.

- Advertisement -

„УВ Гард“ е мобилен, лесен и се движи на тркалца, има вградена батерија со можност за полнење, што му дава флексибилност за дезинфицирање на места каде што нема електрична инсталација. Просторијата што се дезинфицира мора да биде празна, но тоа не е проблем бидејќи уредот се контролира  од далечина и го заштитува тој што го ракува. За разлика од класичната дезинфекција со хемиски средства, УВ зраците допираат до места кои се недостапни и стопроцентно ги елиминираат вирусите и бактериите и на нерамните површини. За просторија од 40 квадратни метри се доволни околу трисетина минути, а веднаш по дезинфекцијата се чувствува силен мирис на озон.

„Ни се јавија и голем број компании кои не го прекинале работниот процес во текот на кризата и кои сакаат да купат ваков уред. Бидејќи и на тие работници им треба заштита, размислуваме, откако ќе направиме доволно за најзасегнатите здравствени институции, да промовираме бизнис модел „еден плус еден“, преку кој приватните фирми ќе можат да добијат ‘УВ Гард’ по набавна цена, но ќе треба да платат набавна цена за уште еден, кој ќе биде дониран и на тој начин да ги обезбедиме сите здравствени институции во сите 80 општини“, објаснува Поцков.

Сподели!
- Advertisement -