Една од првите мерки за откривање на заразените со корона вирусот е покачената телесна температура. Во најголем дрој од случаите проверката се врши со бесконтактно мерење со помош на посебни уреди. Но, кинеската компанија Rokid направи напреден уред кој покрај мерењето на температурата, може да направи многу повеќе.
Станува збор за паметните очила на компанијата Rokid Glass со инфрацрвен сензор кои можат да измерат температура на до 200 луѓе на оддалеченост до два метри. Тоа значи дека личноста што ги носи не мора да пријде во опасна близина до потенцијално заразените луѓе.
Паметните очила се опремени со камера од 12 MP и во комбинација со процесорот на Qualcomm имаат одредени можности за проширена реалност. Исто така, можат да снимаат видео, да фотографираат и да се поврзат со компјутер или паметен часовник преку USB кабел за да се пренесе тоа што е снимено.
Очилата се наменети за болниците, полицијата, пожарникарите, но може да ги користат и сите на кои им е битно да ја контролираат својата средина. Овие очила веќе ја докажаа својата ефикасност во текот на пандемијата во Кина, а сега за нив се заинтересирани и некои други држави од светот како САД.