Стручните тимови од Факултетот за ветеринарна медицина–Скопје во служба на јавното здравство во дијагностиката на КОВИД-19

- Advertisement -

Факултетот за ветеринарна медицина- Скопје како високобразовна и научно-истражувачка институција од областа на ветеринарната медицина уште од почетокот на пандемијата со болеста КОВИД-19 е активно вклучена во дијгностиката на коронавирусот SARS-CoV-2 во соработка со Министерство за здравство. 

Факултетот со своите лаборатории потврди дека поседува капацитети, простор и опрема, како и дека има ресурси со обучен и стручен и квалификуван персонал за испитување на заразни зоонотски болести.

- Advertisement -

„Стручните тимови во Лабораторијата за молекуларна дијагностика и Лабораторијата за микробилогија на Факултетот под раководство на доц. д-р Игор Џаџовски, доц. д-р Искра Цветковиќ и доц. д-р Кирил Крстевски, прават секојдневно анализи на мостри за коронавирусот со изведување на полимеразна верижна реакција во реално време (Real-time PCR) каде се утврдува причинителот на болеста SARS-CoV-2. Иако лабораториите на Факултетот се дизајнирани за анализа со голем број на примероци, максималниот дневен капацитет на проби за дијагностика на КОВИД-19 изнесува приближно 35 примероци на ден со оглед на фактот дека кај нас секојдневно се прават анализи и мониторинг на голем број други заразни болести како што се бруцелозата, туберкулозата, авијарната инфлуенца, беснило, трихинелозата“, вели проф. д-р Лазо Пендовски, декан на Факултет за ветеринарна медицина- Скопје.

Мострите секој ден се преземаат од обучено лице од Факултетот, запазувајќи ги сите биосигурносни мерки и протоколи кои се воспоставени на истиот.

- Advertisement -

„Екстракцијата на вирусната RNA се изведува со употреба на автоматски систем за екстракција додека прајмерите кои се користат за утврдување на причинителот се валидирани и потврдени со споредбена анализа со резултати добиени на веќе постоечка инфраструктура на Институтот за јавно здравје, на примероци со веќе познат статус. Анализите се вршат со потврда на геномот на 2019- nCoV во три таргет региони (N 1, N 2 и E ген)“, истакнува деканот, проф. д-р Пендовски.

Лабораторијата на Факултетот во која што се врши изолирање на рибонуклеинската киселина (РНК) на вирусот е должна да ги чува изолатите и документацијата во врска со секој поединечен примерок и РНК изолатот, трајно согласно одредбите за заштита на населението од заразни болести.

- Advertisement -

„Со вклучување на стручниот тим од доктори на науки од областа на ветеринарната медицина од Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје, нашата држава покажа сериозен капцитет и успеа целосно да го примени концептот на “ЕДНО ЗДРАВЈЕ” каде повеќе сектори пред се ветеринарната служба и службата во хуманата медицина соработуваат заедно во контролата на зоонотските болести односно болестите кои се пренсуваат од животно на човек. Неопходноста на синергијата помеѓу ветеринарната и хуманата медицина исто така ја има и при контролата на безбедноста на храната и антимикробната резистенција кои имаат се поголемо значение кај луѓето и животните со цел да се постигнат подобри резултати во јавното здравство“, потенцира деканот.

Факултетот за ветеринарна медицина-Скопје останува и понатаму посветен на подигнување и зајкнување на државните капацитети во однос на дијагностиката на болеста КОВИД-19 ставајќи ги на располагање своите капацитети и ресурси на јавното здравство за целосно справување со пандемијата од коронавирусот.

Сподели!
- Advertisement -