Научници од Универзитетот за наука и технологија од Хонгконг осмислија средство за дезинфекција кое би можело да ги заштити разните површини од корона вирусот во текот на 90 дена. Премазот наречен MAP-1 (Multilevel Antimicrobial Polymer) ефикасно отстранува 99,9% од високоинфективните вируси како тие кои предизвикуваат сипаници, заушки, рубеола, мачкин калцивирус, како и бројни бактерии и некои видови спори.
Неговата ефикасност е потврдена и кај микроогранизмите отпорни на лекови во рамките на две теренски студии спроведени во болницата Коулун и во домот за стари лица Haven of Hope Woo Ping.
Кинеските научници велат дека бројот на бактерии отпорни на лекови на завесите на Одделот за интензивна нега во болницата Коулун за три дена се намалил за оклу 98,7%.
Спрејот MAP-1 кој ги штити површините од корона вирус во Хонгконг се продава по цена од 8 евра за шише од страна на тим од научници на чело со професорот Јеунг Кинг Лун од Катедрата за хемиско и биолошко инженерство на Одделот за околина и одржливост.
За развојот на спрејот им биле потребни 10 години. Според професорот Леунг, спрејот е ефикасен до 90 дена и овозможува трајна заштита и површинска дезинфекција од микробни нечистотии. Производот е наменет за употреба на различни површини вклучувајќи метал, бетон, дрво, стакло, пластика, како и ткаенини, кожа и текстил, при што не го менува изгледот на материјалот на кој се нанесува.