Од излегувањето на берза до денес Facebook помина разни премрежја, но и покрај сите проблеми, критики, цената на акциите на асоцијалната мрежа и пазарната вредност на компанијата вo петокот достигнаа рекордно ниво. Во текот на денот нивната вредност порасна за повеќе од 6% и достигна 230 долари, што е рекорд откако постои компанијата, а вредноста на самата компанија достигна 655 милијарди долари.
Изгледа дека причината за тоа е новата опција која Цукерберг ја претстави неделава – Facebook Shops. Станува збор за верзија на онлајн продавница наменета пред се за малите претприемачи, но и за големите брендови, кои сега преку најпопуларната социјална мрежа ќе ги продаваат и ќе ги промовираат своите производи.
Акцентот е ставен на едноставноста, па до продавницата на Facebook ќе може да се пристапи преку страницата на социјалната мрежа или преку Instagram и по избирањето на посакуваните производи, ќе се прави нарачка преку интернет страницата на компанијата или во самиот Facebook, но таа опција засега е достапна само во САД. Цукерберг ја најави и Instagram Shop, која летово прво ќе стане достапна во САД, а потоа и на други пазари.
Со овие две нови опции Facebook се повеќе навлегува на територијата на Amazon и Google, а онлајн купувањето преку социјалната мрежа изгледа ќе биде новата златна кокошка на Цукерберг. Имено, продажбата на производи преку Facebook отвора сосема нови опции и нов пазар вреден милијарди долари, на кој компанијата би заработувала провизија од трансакции и од огласување.
Аналитичари на Deutsche Bank сметаат дека опцијата за е-трговија ќе ги прошири шансите за потенцијални приходи на Facebook и предвидува дека само преку Facebook Shop компанијата годишно би заработувала дополнителни 30 милијарди долари.