Градот Скопје денеска ќе ги објави јавните повици за субвенции за велосипеди и електрични тротинети

- Advertisement -

Новитет оваа година, како што соопштија градските власти, е што граѓаните ќе можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од 1 јануари годинава. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход, и 30 отсто од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Повиците ќе бидат отворени до 30 ноември оваа година или до реализирање на средствата, а ќе се спроведуваат по принципот „прв дојден прв услужен“. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на субвенција за купување на еден велосипед, а истото важи и за субвенција за електричен тротинет.

- Advertisement -

Барателот треба да ги исполни следниве услови: да е жител на Град Скопје (во општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), да нема искористено субвенција за купување на велосипед или електричен тротинет од Град Скопје, новиот велосипед или електричен тротинет да е купен или го купи во државата од 1 јануари годинава се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30 ноември оваа година.

-Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари ќе бидат наменети за велосипеди, а 1,5 милион денари за електрични тротинети. Согласно предвидените финансиски средства, Град Скопје оваа година ќе додели субвенции за околу 2800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети, соопшти Град Скопје.

- Advertisement -

За 2018 и 2019 година, Град Скопје додели вкупно 7255 субвенции за граѓаните што купија велосипед и вкупно 313 субвенции за граѓаните што купија електричен тротинет.

Сподели!
- Advertisement -