Првата арапска мисија на Марс се подготвува за првата мисија на Марс, која треба да се случи во текот на наредните неколку недели. Ќе бидат потребни седум месеци за да се поминат 493 милиони километри до Марс, каде што ќе почне да орбитира и да испраќа нови податоци за климата и атмосферата на Црвената планета.
Сондата ќе остане да орбитира околу Марс една цела марсовска година или 687 дена со цел да собере доволно податоци. Едно орбитирање на сондата околу Марс трае 55 часа.
Одговорните за проектот велат дека ова ќе биде најголемо достигнување досега на младите арапски научници кои сакаат да изградат кариера во вселенски инженеринг. Роботизираното вселенско летало, кое го носи името Amal (надеж) треба да полета од јапонскиот остров Танегашима на 14 јули. Леталото ќе биде лансирано со јапонска ракета и ќе носи три видови сензори за разни мерења на сложената атмосфера на Марс.
Имено, сондата ќе има камера со висока резолуција за мерење на прашината и озонот на планетата. Вториот сензор е инфрацрвен спектометар за мерење на ниската атмосфера, а третиот сензор е ултравиолетов спектрометар за мерење на нивоата на кислородот и водородот.
Една од работите на кои ќе се фокусира истражувањето е како тие два елементи, кои се составен дел на водата, се испуштаат од планетата. Додека многу од мисиите се фокусирани на геологија, оваа мисија ќе даде најсеопфатна, холистичка слика за климата на Марс.
Сондата е направена во Колорадо, САД и испратена во Јапонија, каде што инженерите веднаш морале да одат во карантин поради пандемијата на корона вирусот, која претставува опасност по лансирањето зашто може да го одложи.
Владетелот на Дубаи, кој е еден од седумте емирати кои ги сочинуваат ОАЕ, се надева дека овој амбициозен проект ќе помогне да се подигне културната гордост на регионот и да се намали завиноста од нафтената индустрија. Освен тоа, ОАЕ сакаат да изградат човечка населба на Марс до 2117 година.