КОВИД-19 принуди милиони компании да ги сменат своите бизнис модели, но што се случува со бизнисите кои сега се само идеи во главите на идните претприемачи? Во време кога се делат милиони откази и очајните потези за преживување на компаниите се главни вести, малкумина размислуваат како да почнат нов бизнис во оваа клима.
Сепак, како и други кризни периоди низ историјата, рецесијата која ни следува ќе отвори одлични можности за основачите на компании. Целиот хаос ќе осакати некои бизниси, но исто така ќе создаде услови за многу нови. Многу одлични компании израснале од пепелта на економските кризи.
Кризата од 2008 година натера многу луѓе во САД да побараат работа без долгорочни обврски. Токму тогаш се роди Airbnb како поевтина и пофлексибилна алтернатива на традиционалното сместување. До 2011 година Airbnb вредеше повеќе од 1 милијарда долари. Ако мислите дека вашата бизнис идеја е готова за следниот чекор, позицирајте ја како решение за новосоздадените потреби на луѓето. Овие четири совети ќе ви помогнат во тоа.
- Најдете ја вашата ниша
Компании како Airbnb кои ја дефинираат својата индустрија се создадени во време на рецесија. Сега треба да сте способни да најдете уникатна ниша и да понудите решение кое ќе им помогне на луѓето да ја пребродат оваа криза или да ја адаптирате вашата оригинална идеја на таа ниша. Застанете и повторно анализирајте го светот околу вас. Идентификувајте ги проблемите со коишто се соочуваат вашите пријатели, колеги, луѓето во светот. Замислете ги потенцијалните решенија кои не постојат во моментот.
Ако вашиот производ или услуга не одговараат на некоја тековна потреба, видете дали можете да ги адаптирате да одговараат на новиот „нормален“ свет. Условите во светот нема да се нормализираат во блиска иднина, па прилагодливоста е предност. Ако најдете ниша, сторете се за да ја искористите шансата затоа што такви можности не се создаваат секој ден.
- Дајте им го на луѓето тоа што им треба – поврзување и врски
Во текот на криза луѓето не сакаат да купуваат работи за кои немаат реална потреба, затоа нема да сакаат производи кои се еден вид луксуз. Идеите кои најдобро би биле прифатени се однесуваат на решавањее на нивните проблеми. Она што сега најмногу им треба на луѓето, кога се соочуваме со карантини, самоизолација, физичко оддалечување едни од други е поврзување.
Одржувањето на врските со луѓето станува неопходно за нашето ментално здравје. Тоа можете да го искористите ако понудите што е можно поинтерактивен производ. Користете дигитални алатки за да се рекламирате и да изградите односи со корисниците. Tiktok е одличен начин да допрете до помладата популација, Instagram можете да го искористите преку визуелните елементи на производот и да поттикнете на дебата. Интимноста и онлајн конективноста се столбовите на новата нормала. Дури и кога ќе бидат дозволени големи собири, мора да се бидете присутни онлајн ако сакате да имате загрантирано поголема публика во иднина. Притоа, имајте на ум секогаш да внимавате на приватноста на корисниците затоа што во спротивно многу брзо можете да ја изгубите нивната доверба.
- Подгответе се самите да се финансирате
Проверете си го паричникот. Ако порано беше тешко да се најдат инвеститори во зачетните фази на еден бизнис, сега ќе биде уште потешко затоа што сите се повнимателни во трошењето на парите. Инвеститорите сега не бараат идеи туку бизниси со вистински тимови кои привлекуваат внимание. Мора да имате некаков капитал за да лансирате идејата и потоа да можете да соберете повеќе средства.
Ако немате заштеда и моментално сте невработени, можеби ќе треба да размислите подобро. Се разбира, можете да ги прашате пријателите или семејството дали сакаат да инвестираат, но ова е штеко време за сите, па бидете внимателни. Не сакате да ги оддалечите од себе тие што ви се најблиски кога најмногу ви се потребни. Размислете за опцијата да најдете партнер, но бидете внимателни затоа што и партнерите бараат некој кој е финансиски стабилен.
Исто така, запрашајте се дали имате се што е потребно за да бидете лидер во време на криза: да бидете отворени и креативни, да го гледате светот со поинакви очи од другите, да гледате можности таму каде што другите не ги забележуваат, да имате способност да решавате нови и неочекувани проблеми. Ако во моментот сте преокупирани со други работи, вашата способност да бидете отворени и флексибилни ќе биде загрозена.
- Искористете ги бенефитите од лансирање бизнис за време на рецесија
Кога има економска криза најголем дел од компаниите кои им помагаат на другите бизниси во развојот нудат попусти на своите услуги. Shopify, на пример, нуди бесплатен 90-дневен пробен период, HubSpot ги отстрани лимитите на имејл-маркетингот и цената на платените огласи. За еден претприемач сега е поевтино да се стартува бизнис и така ќе биде веројато во текот на наредните 12 месеци.
Друга предност на моменталната клима е поширокиот избор на таленти. Многу компании мораа да отпуштат голем дел од вработените поради пандемијата, па многу искусни работници сега бараат нова работа. Оние квалитетни кадри кои претходно беа надвор од вашиот досег, сега ви стојат на располагање.
Рецесијата е период која се формираат компании кои предизвикуваат револуција во некоја индустрија. Исто како што компаниите кои се занимаваат со криптовалути се формираа кога довербата во банките и традиционалните системи беше на најниско ниво, бизнисите кои нудат алтернативни решенија на секојдневните проблеми во текот на криза имаат предност пред конкурентите.
(Entrepreneur)
(фото:Pixabay)