26 C
Skopje
петок, јули 10, 2020

Битолчани развија иновативен софтвер кој заменува банкари!

Kabtel desktop

Ова е интревју посветено на една исклучително млада и талентирана екипа на софтвер инженери од компaнијата Webiart од Битола, која развива софтверски решенија за финансиски институции за домашниот, а полека го освојува и странскиот пазар од различни аспекти на финансиското работење: безбедност на информации, односи со клиенти, платни и оперативни процеси, маркетинг и друго, но она што ги прави посебни е изработката на деловен софтвер кој се базира на вештачка интелигенција, со што банкарските кредитни одбори кои досега беа составени од физичко присуство на банкари, целосно се заменуваат со софтвер кој одлучува дали се одобрува или не одреден кредит кон клиенти. Овој софтвер веќе се применува во ФинТек компании кои работат во Македонија, а за истиот се преговара и со неколку странски компании. 

Со Стефан Јончески, инженер по информатика и компјутерска техника и софтвер дивелопер во WEBIART, разговараше Љубица Ангелкова.

Поимот  ‘вештачка интелигенција’ е нешто што го имплементирате и функционира на дневна основа кон Вашите клиенти. Ве молиме објаснете ни еден конкретен пример.

“Дигитална комисија”, нашиот прв продукт кој работи на овој принцип, го реализиравме за неколку ФинТек компании кои реално се перјаница на дигитализацијата во регионот.  Станува збор за брзо и ефикасно софтверско решение кое ги заменува кредитните одбори составен од банкарски експерти. Овој продук многу ја олеснува работата со кредитирање не само за компаниите, туку и за клиентите. Без барање на паркинг места за да посетите експозитура, без чекање во ред и без закажување состаноци барателот на кредит може да аплицира од каде било преку онлајн апликација. Потоа “дигиталната комисија” преку софистицирано софтверско решение носи одлука. 

Алатката работи на принцип на “Machine Learning” што и овозможува самостојно да учи да се подобрува врз основа на сите претходни искуства. Ги собира сите податоци за клиентот , комуницирајќи со неколку различни бази на податоци. Потоа ги обработува тие податоци и со методот “Decision Tree” носи одлука за таа апликација. Доколку таа апликација не може да се одобри, дигиталната комисија нуди неколку други варијанти на износ и рок на отплата кои би биле одобрени врз основа на претходно донедени одлуки. Значи клиентот, ако е одбиен за сумата која ја побарува, добива солуции за што дополнително може да аплицира. 

Стефан Јончески, инженер по информатика и компјутерска техника и софтвер дивелопер во WEBIART

Со оглед на тоа дека алгортми носат одлуки за кредитни апликации, колку нивоа на проверки мора да поставите за да нема грешки? 

Работиме со голем број на податоци, така што мора да имаме повеќе различни нивоа на проверки за секој податок посебно. Грешки се случуваат ретко, но затоа овој принцип се вика “Machine Learning” и оваа алатка во случај на грешка самостојно се подобрува.

Колку долго вашиот тим ја развиваше оваа апликација? Дали истата беше креирана за конкретен нарачател или ја нудевте откако ја создадовте?

На оваа апликација се работеше околу 8-10 месеци додека да стигне во Alpha верзија, потоа  2 месеци тестирање, Beta верзија и старт на истата во продукција.  Нашата компанија креира сопствени софтверски производи. Само така можеме да добиеме додадена вредност на она што го создаваме. Оваа апликација ја создадовме, па ја понудивме на домашниот пазар, а потоа и на глобалниот. Можеби тоа е не е вообичаено за другите ИТ компании кои главно целат кон глобалниот пазар, но за нас попрактично е да тестираме и креираме во директен контакт со домашни компании.  

Развојот на дигиталните деловни модели и сервиси е нов стандард во финансиската индустрија која е исклучително конкуретна. Дали тоа олеснува при воведување на иновации?

Да, станува збор за исклучително конкуретна бранша. Дел од нив се под капата на големи глобални банкарски брендови, дел од нив се помали односно независни. Но, искуството од контактите ни кажува дека сите помалку или повеќе инвестираат во сопствени софтверски производи. Кај нас овие софтверски производи се поевтини од оние во развиениот свет. И тука и таму е исклучително напорно и скапо да се развиваат сопствени продукти. Но, сепак кај е поевтино од глобалното. Тоа значи дека има капацитети во ИТ комапниите во Македонија за развој на сопствени продукти што ќе имаат глобален успех.

Но, дали македонскиот пазар е премал за да се фокусирате исклучиво на него?

За некои продукти е премал, но е доволен ако почнувате со мали чекори. Ние работиме на создавање на многу cloud базирани продукти. Некои сами ги иницираме, а некои ги работиме по нарачка. 

Кога работиме по нарачка има олеснителена околност, во тоа што купецот го плаќа развојот. Ако софтверската фирма успее да се договори со нарачателот околу задржувањето на интелектуалната сопственост, може и понатаму да заработува од производот. Но, проблемот е што кога се прави софтвер за конкретен корисник се јавуваат многу специфики, кои што за други корисници се ирелевантни. Од друга страна веруваме дека интензивниот развој на домашен софтвер, може да не направи глобално конкурентни и ќе поттикне извоз. 

Колку треба да се познава банкарската индустрија и онаа на нефинансиските друштва за кои работите, за да испорачувате идеи до Вашите клиенти кои ќе им помогнат навреме да ја применат најдобрата технологија потребна за нивниот бизнис?

Потребно е добро да се познава основниот принцип на работа на овие бизниси. Колку повеќе ја познавате внатрешната структура и нивното работење толку подобри решенија можете да понудите. Очекувањата на клиентите се секогаш големи. Се повеќе има дигитални канали кои нудат развојни технологии, оттука и потребата да бидете проактивни и да понудите решенија кои го трансформираат деловниот модел на овие институции. Затоа мора да бидете целосно инволвирани во оваа проблематика.

Фирмите денес генерално ја разбираат потребата од нови информатички технологии. Пред некоја година ние ги баравме фирмите и ги убедувавме дека е потребно да воведат нешто ново, додека во последната година фирмите сами не бараат за со нови решенија да ја подобрат својата работа. Кога зборуваме за банките и ФинТек компаниите воведувањето на новите дигитални услуги мора да биде во центарот на нивните деловни стратегии, особено ако сакаат да бидат лидери.

Здравствената криза предизвикана од COVID-19 покажа во пракса, дека комапниите кои не инвестирале во  IT можат да пропаднат побрзо од останатите, заради економската криза која го зафати бизнис светот.  Колку ангажмани имавте поврзани со ургентните опции комапниите целосно да преминат во оналјн мод на работа?

Здравствената криза реално ги  отвори очите на многу компании во Македонија, при што увидоа дека немањето на онлајн услуги во нивните бизниси значи брзо пропаѓање. Да, имавме повеќе ангажмани за компании кои итно бараа начини да воведат онлајн услуги , но имавме и такви кои имаа онлајн услуги , но кризата бараше воведување на нови алатки кои ќе им ја олеснат на нивните клиенти потребата од конкретни услуги. 

Најголемите редови, за време на кризата се направија во банките? Зошто?

Има повеќе причини за ова. Една е тоа што голем дел од граѓаните на Македонија сé уште немаат доверба во онлајн плаќањата или се постари лица што не можат да се снајдат сами за да извршат онлајн трансакција, но и во некои случаи банките не го нашле правилниот начин за да се справат со тоа. Ќе треба време да се навикне и населението, а и банките да се вклучат во целосна дигитализација, во спротивно ризикуваат со намалување на профитабилност и да “потонат” во морето на конкуренцијата која ја наметнуваат ФинТек комапниите и финанските стартапи.

-Вашите клиенти дали го имаа овој проблем? 

Комапниите за кои работиме во овој сектор, одамна се онлајн и немаа ваков проблем. Со здравствената криза само работевме на нови детали поврзани со нивните бизниси, кои ги наметна ситуацијата.

Какви треба да бидат соврмените ФинТек и банкарски институции?

Тие мора да бидат иновативни, агилни и прилагодливи. Тие мора да размислуваат да работат како ИТ стартапи, а не како институции заробени во големи системи во кои одлуките се носат тешко, а промените се бавни. Ова е време на нови финансиски институции, на оние кои постојано ќе воведуваат нови сервиси, бараат начини како да се забрзаат и поедностават процесите, се менуваат во ритамот на пазарот и навреме ги елиминираат ризиците.

Што би им порачале на потенцијалните клиенти?

Помалку папирологија, повеќе фокус врз клиентите. Време е за промени.
Ако Вашите вработени трошат време на управување со документацијата, проверување на информациите и исправување на грешките, им останува многу малку време да ги нудат, односно продаваат тие исти производи и услуги на клиентите. 

Дигитализацијата во банките и финансиските друштва започнува одвнатре-со решенија кои го менуваат бизнисот, а и профитот. Банките и ФИНТЕК компaниите кои сакаат да останат лидери, мора да го стават ИТ во центарот на нивните деловни стратегии.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •