3 C
Skopje
сабота, февруари 22, 2020

Во новиот Сеавус акцелератор ќе влезат 45 компании во следните три години!

Kabtel desktop

Сеавус едукативен и развоен центар е една од трите организации који деновиве добија грант за основање на бизнис акцелератор за млади. Тоа е поводот да поразговараме со Весна Иваноска, директорка на Сеавус Едукативен и Развоен центар која со Иновативност ги сподели плановите за акцелераторот

(Разговараше- Верица Јорданова)

На наше големо задоволство, Сеавус eдукативен и развоен центар доби уште една можност да ја продолжи својата мисија во насока на афирмација на технологијата и едукацијаа и поддршката на таленти и иновативни бизнис идеи. Ние сме една од трите компании добитници на грант за основање на деловно-технолошки акцелератор или бизнис акцелератор. Ова е прв пат институциите да понудат инструмент за финансиска поддршка за воспоставување и работење на деловно – технолошки акцелератори како мерка за помош на новоформираните компании и зајакнување на економијата, со што сметам дека е преземен еден мошне значаен чекор кон градење на солиден стартап еко систем.

Со оглед на тоа дека веќе во Вашето портфолио имате инкубатор, едукација и искуство во работа со стартап компании, како акцелераторот ќе се вклопи во овој мозаик и кој предизвик ќе го надополни?

Со оглед на тоа дека веќе 7-ма години постоиме со главен фокус на технологијата, односно едукацијата во технологија, а преку проектот Сеавус Инкубатор успешно организиравме и две предакцелераторски програми, ова беше логичен следен чекор за нас. Тоа значи дека со поставувањето на Акцелераторот влегуваме во следно, повисоко ниво на активности за поддршка на нови бизниси. Во меѓувреме бевме активни на регионално ниво како дел од поголем ЕУ проект за поддршка на претприемништвото и стартап еко системите благодарение на кој стекнавме одлични контакти и станавме официјален Амбасадор на Стартап Еуропе Иницијативата на Европската комисија.

По кој критериум ќе се бираат проектите/компаниите кои ќе влезат во акцелераторот? Што всушност ќе добијат кај вас?

По правило, акцелераторската програма (за разлика од предакцелераторската) вообичаено таргетира веќе регистрирани компании кои имаат готов MVP (minimum viable product), потенцијални или реални клиенти, па и извесни приходи. Во тој ранг ќе бидат критериумите за влез во нашата програма. Сепак од досегашното искуство, знаеме дека се случува за помош да се обратат и компании во рана фаза на формирање и доколку се утврди сериозен потенцијал кај таквата бизнис идеја, таа може да биде земена предвид за акцелерирање, секако со претходна подготвителна активност.

Каков всушност ќе биде акцелераторот на Севус? Со каков проект го добивте грантот?

Проектот кој го понудивме, како што спомнав, е продолжување на нашата мисија за поддршка на иновативни бизниси , но овојпат и негово формално поставување како прв корпоративен деловно-технолошки Акцелератор. Фокусот, природно, ќе ни бидат бизниси базирани на софтверски решенија односно Software as service , Fintech , AI, Block chain, IoT, Gaming , E-commerce, Digital Media и сл.  Активностите започнуваат со фаза на поставување и организирање на Акцелераторот, потоа следи пред-инвестициска односно акцелераторска програма организирана во два дела како групна програма  и акцелераторска програма “по мерка” за најуспешните компании. На крај е планирано да заврши со инвестициска фаза, односно финансиска помош за компаниите во програмата кои ќе покажат најголем успех според однапред поставените критериуми за евалуација.

Со оглед на тоа дека Акцелератор како концепт и не е така широко познат не само меѓу младите, туку генерално, во план e пред стартот на програмите да посветиме малку повеќе време на промоција на проектот и можностите што ги нудиме за новите компании.

Кога стартуваат подготвителните активности и кога акцелераторот ќе започне со работа?

По завршувањето на административните процедури околу поставување на Акцелераторот следи период на организациска и програмска подготовка кој нема да е подолг од 6 месеци, а паралелно во овој период ќе започнат промотивните активности за што помасовно информирање и таргетирање на потенцијални корисници.

Каква програма ќе понудите?

Пред-инвестициската програма ќе биде организирана како  6+6 неделна програма, односно 6 неделна групна или “cohort based” програма во која ќе ги понудиме најзначајните аспекти на лансирањето и водењето бизнис како Развој и ревизија на бизнис моделот, Валидација на продукти, Менаџмент на продукти, Маркетинг и продажба, Подготовка за пичинг и секако Инвестициска подготвеност и стратегии за излез. Сепак, верувам позначајниот дел за компаниите кои успешно ќе го завршат првиот дел, ќе биде “програмата по мерка”уникатна за секоја компанија и нејзините потреби. Планирано е во периодот од 3 години, да бидат акцелерирани 45 компании, а подготвени сме да инвестираме во најмалку 10 компании.

Она што е најважно, е дека во дизајнирањето и спроведувањето на акцелераторската програма ќе учествуваат околу 30 домашни и странски ментори, докажани експерти  од сите релевантни области на бизнисот.

Кои се вашите компаративни предности?

Нашата најголема предност е пред се во фактот дека ова ќе биде првиот корпоративен акелератор кој е дел од поголем микро систем на интернационална компанија во областа на софтвер односно технологија со своја развоена мрежа на партнери и клиенти, во исто време со над 900 ИТ професионалци на групациско ниво сме огромен експертски и менторски потенцијал во различни технолошки домени, но и бизнис искуство  и конечно, како едукативен центар, ние сме одличен извор на млади таленти кои би можеле да лансираат сопствени бизниси или пак, што е чест случај и досега, да се приклучат на некој од новоформираните стартапи.

Кога на ова ќе се додадат и нашите силни релации со старт ап заедницата дома, но пред се со акцелератори и други организации за подршка на стартапи во регионот како СПАРК од БиХ,  СТАРТ:УП Словенија, CzechInvest ,Чешка, како и целиот конзорциум на  проектот Мy GTW https://mygatewayproject.eu/  (Мy Gateway e ЕУ финансиран –проект чија мисија е да работи на јакнењето на стартапите и екоситемите во земјите од централно источна  Европа ) чиј член сме, се добива една целосно заокружена инфраструктура за реализација на еден ваков проект. Дополнително, како резултат на оваа активност на регионално ниво, од март оваа година СЕДЦ е и официјален Амбасадор на иницијативата Startup Europe.

 

Како ја оценувате стартап сцената во Македонија и воопшто климата за стартување бизнис во земјава?

Стартап сцената во Македонија е сеуште млада, но прилично ентузијастична. Можеби не во голем број, но постојат добри примери на успешни стартапи за чии позитивни приказни треба повеќе да  се зборува и пишува. Сепак, сметам дека тој круг на познавачи, ентузијасти, ментори и претприемачи е некако мал и затворен и поради тоа непходно е малку поголемо интегрирање на домашната сцена во поширок балкански и регионален контекст. Стартап културата и претприемништвото до пред некое време не беа воопшто типични за нашето општество и со цел да фатиме чекор со поголемите и позначајни случувања, треба да се работи на јакнење на нејзините капацитети. Од аспект на регулативата, извесни олеснувања постојат, но потребна е уште поголема флексибилност и од перспективата на компаниите и претприемачите, но и од онаа на инвеститорите со цел да се поттикнат и да ја зголемат својата активност.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •