Шпанска студија покажа дека групниот имунитет, кој многу земји се надеваат дека ќе го достигнат, не е остварлив. Студијата на повеќе од 60.000 луѓе, објавена во медицинското списание Lancet, процени дека само 5% од шпанската популација има развиено антитела.
Групниот имунитет се достигнува кога доволно луѓе ќе станат имуни на вирусот за да може да се спречи неговото ширење. Околу 70-90% од популацијата мора да биде имуна за да се заштитат луѓето кои не се заразени. Во крајбрежните региони биле регистрирани само 3% антитела на КОВИД-19, а тој процент е малку повисок во областите каде што има повеќе заразени.
„И покрај големиот број заразени од КОВИД-19 во Шпанија, проценките покажуваат дека има мал процент на антитела и јасно е дека се недоволни за да се достигне групен имунитет. Toа не може да се постигне ако не се прифати колатералната штета на многуте смртни случаи кај популацијата која е најподложнаа и преоптовареноста на здравствените системи. Во оваа ситуација, социјалното дистанцирање и напорите што се прават за изолирање и идентификација на новите случаи и нивните контакти е задолжително за контролирање на идните епидемии“ велат авторите на извештајот.
Оваа студија е најголема од овој тип за корона вирусот во Европа. Имаше слични студии во Kина и во Сад и клучните заклучоци од тие репрезентативни примероци покажуваат дека најголем дел од популацијата се уште не е изложена на вирусот, дури и во региони каде што вирусот бил многу проширен, се вели во написот во списанието Lancet.
Професорот Дени Алтман, портпарол на Британското општество за имунологија и професор по имунологија на Кралскиот колеџ во Лондон, ја опишува оваа студија како вистинско освестување.
„Откритијата како ова ја поддржуваат идејата дека соочени со смртоносна инфекција од која се создава краткотраен имунитет, најголемиот предизвик е да се идентификуваат најдобрите стратегии за вакцина со цел да се надминат проблемите и да се стимулира голем, одржлив, оптимален имунолошки одговор каков што не поттикнува самиот вирус во организмот“ вели професорот Алтман.
(BBC)
(фото: Wikipedia)