Светската здравствена организација признава дека има се повеќе докази дека корона вирусот може да се пренесува преку ситните честички во воздухот. Преносот преку воздухот не се исклучува во ситуации кога има гужва, во затворени или лошо проветрени простории, велат оттаму.
Ако се потврдат доказите, ова можеби ќе ги смени рестриктивните мерки кои сега важат за затворени простории. Отворено писмо напишано од над 200 научници ги обвини СЗО дека ја потценуваат можноста за пренос на вирусот преку воздухот. Досега од СЗО уверуваа дека вирусот се шири преку капките кои ги исфрлаат болните кога кашлаат, киваат или зборуваат.
„Сакавме да се разгледаат сите докази. Тоа дефинитивно не е напад на СЗО. Тоа е научна дебата, но мислевме дека треба да и кажеме на јавноста затоа што од СЗО одбиваа да ги сослушаат доказите иако многупати разговаравме со нив“ вели Хосе Хименез, хемичар на Универзитетот Колорадо, кој се потпишал на писмото.
Друг потписник на писмото, професорот Бенџамин Коулинг од Универзитетот Хонгконг, за BBC изјави дека овој доказ има сериозни импликации.
„Во здравствените установи ако преносот на вирусот преку аеросоли е ризик по здравствените работници, тие навистина би требало да носат најдобра превентивна опрема. Всушност, од СЗО велат дека една од причините зошто не сакале да дискутираат за пренос на КОВИД-19 преку аеросоли е затоа што нема доволно специјални маски во многу земји во светот. Што се однесува на општествата, ако размислуваме за пренос на корона вирусот преку аеросоли, мора да размислуваме како да спречиме настани на кои е можно масовно ширење. Поголемие епидемии се случуваат во затворени простории со слаба вентилација, каде што има гужва и подолготраен контакт меѓу луѓето“ вели Коулинг.
Од СЗО изјавија дека доказите се прелиминарни и дека се потребни дополнителни проценки. Бенедета Алегранци, која е одговорна за превенција и контрола на инфекции во СЗО, вели дека не може да се отфрлат доказите за пренос на корона вирусот преку воздухот во простории со многу луѓе, затворени и со лоша вентилација.
(BBC)
(фото: Pixabay)