Русија планира да произведе 30 милиони дози од експериментална вакцина против болеста КОВИД-19 годинава, со можност за производство на уште 170 милиони во странство, изјави за Reuters директорот на рускиот Фонд за директни инвестиции, Кирил Дмитријев.
Првото тестирање на вакцините на луѓе, кое траеше еден месец и во кое учествуваа 38 луѓе, заврши неделава. Научниците заклучија дека вакцината е безбедна за употреба и дека предизвикува имунолошки одговор, иако уште не е јасна моќта на тој одговор. Поголемата, третата фаза, на тестирањето, во која ќе бидат вклучени уште неколку илјади луѓе, треба да почне во август, изјави Дмитријев.
„Веруваме дека на база на сегашните резултати во Русија вакцината ќе биде одобрена во август, а во некои други земји ќе биде одобрена во септември. Тоа значи дека може да стане првата одобрена вакцина за корона вирус во светот“ додаде тој.
Во моментот се развиваат повеќе од 100 можни вакцини за да се обид да се стопира пандемијата. Најмалку две се во завршна фаза на тестирање на луѓе, покажуваат податоците на светската здравствена ирганизација. Едната ја развива кинеската компанија Sinopharm, а другата компанијата AstraZeneca и Универзитетот Оксфорд.
Дмитријев вели дека руската трета фаза од тестирањето ќе се спроведува во Русија и во две блискоисточни земји и дека ќе почне после завршувањето на втората фаза од испитувањето на стотина луѓе на 3 август. Русија разговарала со Саудиска Арабија за таа земја да биде локацијата за третата фаза, како и производен партнер.
Московскиот Институт Гамалеја, кој ја разви руската вакцина, произведува дози само за клиничките испитувања. Се претпоставува дека за достигнување на т.н. имунитет на стадото во Русија треба да се вакцинираат од 40 до 50 милиони луѓе, изјави Дмитријев за Reuters.
Тој додава дека Русија годинава ќе произведе околу 30 милиони дози, а идната година може да се заврши вакцинирањето. Исто така, Русија склучила договор за производство со уште пет земји и би можела да произведе до 170 милиони дози во странство годинава.
(Dnevnik.hr, Reuters)
(фото: Pikist)