Пандемијата на коронавирусот може да го загрози напредокот што го постигнаа жените во последните три децении во намалувањето на економскиот јаз со мажите, предупредува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Економскиот шок предизвикан од здравствената криза повеќе ги погодува жените отколку мажите бидејќи тие се повеќе застапени во сериозно погодените сектори на услуги, малопродажба, туризам и угостителство.
„Во САД меѓу април и јуни невработеноста на жените беше за два процентни поена поголема отколку кај мажите“, рече извршниот директор на ММФ, Кристалина Георгиева, во текстот потпишан од тројца други официјални претставници на ММФ.
Поради природата на работата, работењето од дома не е опција за многу жени. Податоците покажуваат дека таков е случајот со 54 % од жените во САД и 67 % во Бразил. Жените, покрај тоа, работат повеќе неплатени домашни работи отколку мажите, околу 2,7 часа на ден, покажуваат процените на ММФ.
„Жените ги презедоа повеќето одговорности на семејството настанати поради мерките за изолација, како што е затворањето на училиштата“, велат од ММФ.
По укинувањето на рестриктивните мерки, на жените им треба повеќе време за да се вработат, велат официјалните претставници на ММФ, а девојките во многу земји во развој мораа да го напуштат училиштето и да почнат со работа за да го пополнат домашниот буџет. Но, добро осмислената политика за поттикнување на закрепнувањето би можела да ги ублажи негативните ефекти од кризата врз жените, велат авторите истакнувајќи добри иницијативи во Австрија, Италија, Португалија и во Словенија, каде што се воведени права за делумно платено родителско отсуство за родители со деца под одредена возраст.
Извор – Макфакс