Носењето заштитни маски, било да се платнени или медицински, во многу земји стана задолжително со цел да се намали бројот на заразени со новиот корона вирус. Додека некои луѓе се уште се сомневаат во нивната ефикасност и дали треба да се носат, група научници од Австралија направија интересен експеримент. Тие тестирале колкава заштита нудат различните заштитни маски.
Научниците од Универзитетот Нов Јужен Велс снимиле видео кое кажува повеќе од зборови за тоа колку носењето маски го намалува ширењето капки при кивање и кашлање. Тие откриле, што било и очекувано, дека хируршките заштитни маски најдобро штитат од ширењето на капките. Но, што ако не можете да најдете хируршки маски? Нивна препорака е да користите платнена заштитна маска. И тоа не каква било платнена, туку маска со барем два слоја.
Имено, иако и еднослојната платнена маска го спречува ширењето на капките при кивање и кашлање, не е толку ефикасна како двослојната или трислојната маска. При изработката на маските треба да се внимава маската да биде направена од барем два слоја ткаенина. Тоа значи дека ако имате само еднослојни маски, можете да ги зајакнете со вметнување марамчиња од внатрешата страна.
Ако шиете сопствена маска, можете да додадете надворешен водоотпорен слој, да бирате ткаенини кои се погусти, односно кои се комбинација од повеќе видови материјал како памук и свила, фланел и памук и сл. затоа што овозможуваат подобра филтрација. И задолжително обрнете внимание на големината на маската за да го прекрие и носо и устата, но и да лежи на лицето без отвори и празен простор.
Понатаму, додека хартиените маски треба да се фрлаат после секоја употреба, платнените треба да се перат на висока температура после секое носење.
(Dnevnik.hr, Australia’s Science Channel)
(фото: Pixabay)