Француските здравствени власти овозможија бесплатно тестирање за корона вирусот, без упати, додека внимателно го следат порастот на бројот на заразени после укинувањето на карантинот. PCR тестовите, со коишто се открива присуството на корона вирусот, ќе бидат бесплатно достапни на барање на граѓаните.
„Не би рекле дека ова е втор бран од пандемијата, меѓутоа јасно е дека сега се гледа забележително зголемување на потврдените случаи, чиј број опаѓаше последните 13 недели”, изјави францускиот министер за здравство, Оливие Веран, во интервју за францускиот весник „Le Parisien”.
Според последните податоци на интернет-страницата Worldometers, во Франција со корона вирусот се заразени повеќе од 180.000 луѓе, починале повеќе од 30.000, додека од вирусот закрепнале нешто повеќе од 80.000 луѓе.
(Reuters, Bizlife)